Инфекциите на гениталните органи се јавуваат кај сексуално активните индивидуи. Тие се пренесуваат по сексуален пат, при често менување на партнери и практикување на незаштитен сексуален однос. Овие инфекции може да се превенираат со користење на презервативи, а редовните прегледи на гинеколог и третманот се задолжителни доколку забележите било какви симптоми. 

Рутинските микробиолошки прегледи се користат за докажување на инфекцијата и утврдување на причинителот. Доколку се открие присуство на некој микроорганизам, прегледот вклучува и испитување на осетливоста кон антибиотиците со антибиограм. Антибиограмот на докторот му дава корисни информации за тоа со кој антибиотик најдобро може да се излечи утврдената инфекција. Инфекциите често се манифестираат со определени симптоми, а доколку не се третираат може да доведат и до проблеми со концепцијата и стерилитет. Во текот на бременоста може да доведат до компликации и конатална (породилна) инфекција на новороденото. Неразделен дел од контролните прегледи во бременоста се и микробиолошките прегледи.

Во текот на бременоста се прават неколку задолжителни микробиолошки прегледи. Кон крајот на 3. месец од бременоста (12. недела) се врши првиот микробиолошки преглед во бременоста. Се зема брис од вагината и грлото на матката и се испраќа во микробиолошка лабораторија. Се испитува секретот за присуство на хламидија (Clamydia trachomatis), микоплазма (Mycoplasma genitalium) и уреаплазма (Ureaplasma urealyticum). Некои гинеколози практикуваат повторна контрола за присуство на хламидија во текот на 28. гестациска недела. Доколу се добие позитивен резултат, овие инфекции се лечат со соодветен антибиотик (според антибиограм), а ефектот од лечењето се испитува по еден месец со контролен брис.


Кон крајот на бременоста, во текот на 35. до 37. недела задолжително се прави брис за присуство на група Б стрептококи (Streptococcus agalactiae). Овој брис испитува присуство на овие бактерии на вулвата (надворешниот дел од вагината) и околу аналниот отвор на трудницата. Испитувањето е значајно бидејќи овие бактерии може да предизвикаат предвремено прскање на плодовите обвивки (водењак) и пренесување на инфекцијата на бебето во текот на породувањето. Стрептококите од групата Б може да предизвикаат пневмонија или менингит кај новороденото. Доколку се докаже инфекција со оваа група бактерии, третманот не мора да започне веднаш. Најважно е да се даде пеницилински препарат (антибиотик) непосредно пред породувањето кој би го спречил пренесувањето на инфекцијата на новороденото.


PreMama Duo 250x250

 newsletter banner subscribe

              

 


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 logo konceptmama