Секоја жена која го доела своето чедо знае колку прекрасно и незаменливо чувство е тоа! Доењето е најлесниот и најубавиот, а истовремено и најкорисниот начин да му подарите здравје, љубов и сигурност на вашето малечко.

Уште еднаш да потсетам на препораките на УНИЦЕФ и СЗО околу доењето, она што е најдобро за вашето дете: 6 месеци ексклузивно доење, а до две години комбинирано доење. Но, како и да е, со растењето неизбежно се доаѓа до стадиумот: прекин на доење. Овој период може да биде многу трауматичен за детето, но и за мајката, па еве неколку корисни совети како безболно и лесно да се помине оваа голема пресвртница. Ќерка ми цицаше 14 месеци и беше голем обожавател на цицањето J па сепак брзо и лесно прекинавме со доење, прочитајте како.

ПРИЧИНИ ЗА ПРЕКИН НА ДОЕЊЕТО

Причините се неколку: 

1. Прекин на доење од  физиолошка природа (мајката нема повеќе млеко)

Немањето млеко е тешко и болно за мајката, но најчесто се случува додека детето е се уште бебе, па затоа и полесно го пребродува периодот, т.е полесно се адаптира на воведувањето адаптирано млеко и новиот начин на исхрана.  Доколку мајката нема доволно млеко за да продолжи со ексклузивно доење (до 6.месечна возраст на бебето) или пак со делумно доење после тоа, сепка најдобро е да НЕ прекинува сосема со доењето, односно да го прихранува со вештачко млеко, но истовремено да го дои бебето онолку колку што може и има млеко, барем еднаш во денот. Ова поради непроценливото значење на мајчиното млеко за имунолошкото созревање на малиот организам поради антителата кои во себе ги содржи, но и од причина што доењето е посебна емотивна врска со мајката и незаменлив извор на сигурност за бебето.

2. Прекин на доење поради потреба, желба или одлука на мајката (од здравствени, практични причини  и сл.)

Доколку мајката цврсто одлучи дека дошол моментот кога мора да се прекине со доењето , од некоја многу силна причина (премногу чести ноќни подои кои психо-физички ја исцрпуваат, напорна работа, нова бременост, здравствен проблем...), ова во случај бебето да цицало барем 6 или 9 месеци, тогаш семејството треба да ја поддржи во намерата и да и пружи помош во надминувањето на тешкиот период за бебето, одвојувањето од мајчината града. 

Сепак, подвлекувам и потенцирам дека сум изрично против прекин на доење од страна на мајката само поради моментален умор, поради тоа што доењето е напорно, одзема време, ја ограничува мајката во повеќе аспекти и сл., особено ако се работи за бебе помало од 9 месеци. Уште еднаш повторувам дека е од круцијална важност, дури и да мора да се намали фреквентноста на подоите, мајката сепак да продолжи да го дои своето дете, поради непроценливите бенефити наведени погоре. 

3. Прекин на доење поради одлука на родителите (кај поголеми деца)

Родителите заедно можат да одлучат дека е време да се прекине со доење, доколку детето е поголемо (на пр.18 месеци), а има проблеми со исхраната. Чест случај кај деца кои цицаат е да го преферираат доењето наспроти цврстата храна, да одбиваат да јадат овошје, зеленчук, месо, и да сакаат само да цицаат. Оваа крајност, исто така, не е добра за вашето дете. Доколу не успеете да го најдете балансот, односно ако вашето дете од на пример 15 месеци постојано цица (и по 15-20 пати во едно деноноќие), доколку нема барем три и разноврсни оброци во текот на денот (овошје, зеленчук, житарки, месо, риба), тогаш можно е доењето да претставува реална пречка. Во тој случај најдобро е, доколку е можно, да се намали бројот на подои. Доколку тоа не е возможно, а детето е веќе доволно големо, се одлучува да се прекине доењето. 

4. Прекин на доењето желба на детето-цицалче.

Доколку имате среќа да се најдете во последната категорија, односно ако вашето дете самото реши дека повеќе не сака да цица, ова е најлесната варијанта. Но тука морам да нагласам дека, докажано, речиси е невозможно дете помало од една година самоиницијативно да престане да цица. Затоа, и покрај можните кризи при доењето, и во случај одреден период доенчето да не покажува интерес, па дури и ако јасно одбива да цица, должност и обврска на мајката е да биде упорна во намерата да го дои своето бебе, зашто доењето е од суштинска важност за вашето детенце. Значи, цицалче кое самото се “одбива” од цицање, најчесто има барем 12 месеци. Ова е чест случај со дечиња кои имаат 18, 24 па и повеќе месеци, односно со деца кои веќе не се бебиња, и кои можат самите да изгубат интерес за цицање. Во ваков случај, прекинот на доење се одвива лесно и без проблеми.

 

 

Следат неколку практични совети доколку прекинувате со доење од првите три причини – зошто морате, или зошто така сте одлучиле дека е неопходно, значи во случај детето се уште да сака да цица.

ПОСТЕПЕНО НАМАЛУВАЊЕ НА ПОДОИТЕ

И за детето, и за вас, најбитно е постепено да се намалуваат подоите. За детето така процесот ќе биде ненаметлив, нема да биде нагло и трауматично, а за вас исто така. Плус, со ова шансите за физички проблеми од прекинот кај мајчиниот организам се сведуваат на минимум. Најдобро е овој постепен процес на редуцирање на подоите да трае со месеци. На пример, ако имате план да го прекинете со доење на 15 месеци, почнете постепено со намалување на подоите на 11 месеци. Така на пример, првиот месец укинете еден дневен подој и по можност еден ноќен, вториот месец укинете уште два и т.н додека не дојдете до само еден подој. Запамете дека лачењето на мајчиното млеко функционира на принцип побарувачка-потрошувачка. Колку поретко доите, толку помалку млеко ќе имате. Постепеноста е многу важна за вашите жлезди полесно да балансираат и да немате понатамошни здравствени проблеми, а со тоа целиот процес ќе биде полесно прифатлив и за вашето дете. Почнете од оној подој којшто не му е најомилен. На пример, ако најлесно се заигрува наутро, укинете го најпрвин утринскиот подој, понудете му чаша млеко и играјте си со него или пејте, читајте приказна...односно, нека тоа биде незабележливо и во опуштена атмосфера со активност која ќе му ги оттргне мислите од цицањето. 

ПРИПРЕМА

Зборувајте му на детето. Објаснете му што се случува. Мама веќе нема да ти дава да цицаш, ќе пиеш млеко од шише/чаша, но сепак мама е секогаш тука за тебе. Не ги потценувајте децата. И да станува збор за дете од 12 месеци, тоа може да ве разбере; и да не сфати сосема, постојано и нежно објаснувајте му што следи, инстинктивно тоа ќе го смири и успокои. 

ОДБЕРЕТЕ ГО ВИСТИНСКИОТ МОМЕНТ

Добриот тајминг е многу битен. Не прекинувајте со доење ако од било која причина детето е ранливо или растревожено. Не е вистинскиот момент, доколку на детето му растат запчиња, доколку е болно или настинато, доколку започнало да оди во градинка, се преселило во нов стан, сте отишле негде на одмор и сл. Почекајте до следната поволна прилика.

ЕДНО ОГРОМНО НЕ! ЗА ФИЗИЧКАТА ДЕЛБА

Од многу страни ќе чуете дека најлесен начин да се прекине доењето е т.н физичка делба на мајката и детето, односно оставање на детето со баба, тато или некој друг на  два, три или повеќе денови додека детето не “заборави” на цицањето. Јасно и гласно кажувам дека сум сосема ПРОТИВ физичка делба, бидејќи истата е најчесто извор на големи трауми за детето. Нема цицање, мама ја нема, што се случува, што згрешив?! Малечко е да ви го каже ова, но верувајте дека баш така ќе се почувствува. Мајката и никој друг, е онаа којашто треба самата да се справи со ситуацијата на прекин на доење, да биде целосно посветена на детето во тој период, безрезервно да му подари внимание, нежност и љубов, а не да го оттргне од себе, а никако на повеќе денови. Физичката делба можеби звучи како добро решение во моментот, но верувајте дека остава трајни последици во кревката детска психа. Не му го правете тоа на вашето малечко, и онака мама може и знае најдобро како да се справи со секоја ситуација врзана за нејзиното дете.

СПРАВУВАЊЕ СО НОЌНИТЕ ПОДОИ

Обично ноќните подои им се најомилени на повеќето дечиња. Доколку имате особено големи потешкотии да ги намалите ноќните подои, најпрвин укинете го доењето за заспивање. Ова веројатно ќе оди многу тешко, но сепак ќе успеете, само смирено. Прво битно е детето пред спиење да е добро најадено за да не бара да цица од глад/жед. Второ, кога малечкото е уморно е и пораздразливо, па затоа бидете нежни и успијте го како што тоа сака: со читање приказна, со пеење, со заспивање на големиот кревет или дури и на каучот во дневна ако морате, со танцување гушнати на тивка музика. Ќерка ми најмногу сакаше да заспива додека гушнати игравме танго и така старото добро заспивање со цицање го заменивме со оваа нова интересна нежност – танцувањето.

Доколку ноќе премногу се буди за цицање, а е веќе поголемо детенце (над 12 месеци) најдобро е да не нудите било каква течност-значи ни вештачко млеко, ни сок, ниту вода. Претераното ноќно будење за цицање најчесто е од потреба за блискост и галење, а не од глад. Убаво наранете го детето пред спиење, а кога ќе се разбуди ноќе пробајте да го заспиете со пеење и нишкање наместо со шише со млеко.

НАЈДЕТЕ ДРУГИ НАЧИНИ ЗА БЛИСКОСТ

Детето мора да сфати дека мама го сака иако не го дои повеќе. Значи, најдете друг начин за близина, наместо доењето: долги прошетки, гледање цртани гушнати на каучот, пеење песнички, играње со играчките, читање приказни, танцување на музика, било која активност која тоа ја обожава, а која ќе биде проследена со многу прегратки и бакнежи. Во моментите на прекин на доење, премногу е важно детето да се чувствува сакано и заштитено како што се чувствувало со чинот на цицање.

НЕ ЛАЖЕТЕ И НЕ ПОДМЕТНУВАЈТЕ!

Почитувајте ги чувствата на вашето мало човече. Не му подметнувајте шише кога е полузаспан, шансите да не забележи дека млекото тече од цуцла наместо од мама се скоро рамни на нула. Подметнувањето може само да го направи понервозно. Наместо тоа, употребете искрена, но решителна тактика: види каква убава чашка за млеко сум ти купила! Ајде да редиме коцки и да си го испиеш млекцето.

Исто така, немојте да “исчезнувате” баш во моментот кога треба да цица. Наместо тоа, баш тогаш бидете блиску до него, галете го, мазете го, играјте си. Испратете му јасна порака: МАМА Е СЕКОГАШ ТУКА, ИАКО ПОВЕЌЕ НЕМА ЦИЦАЊЕ.

ХРАНЛИВА АЛТЕРНАТИВА ЗА ЦИЦАЊЕТО

Најчесто подоите се заменуваат со шише со млеко, но сепак има и исклучоци.  На пример, ќерка ми не е голем љубител на млеко, но затоа сака кисело млеко и јогурт, па често наместо со чаша млеко заспива со тањирче кисело млеко Ј. Исто така, доколку вашето дете одбива цуцла, не инсистирајте на истата, и онака докажано е дека користењето цуцла може да има многу нус појави (од психолошка зависност, до расипани заби). Ќерка ми никогаш не пиела ништо од цуцла, пие течности само од чаша. Купете некоја интересна чашка и уживајте заедно во новиот начин на хранење.

ПРОБЛЕМИ КАЈ МАЈКАТА ПОРАДИ ПРЕКИНОТ

Мајката може да има многу проблеми поради прекинот на доење, од физички (проблеми со градите, како мастит, треска, болки) па се до емоционални (тага, вознемиреност, нервоза, депресија). Како успешно да се справите и со едните, и со другите проблеми, читајте во следната Лулка колумна.

 
Марија Зографска Алексова - Мајка на Јана и судски преведувач