Вагиналното породување е придружено со породилни болки. Овие болки се резултат на контракциите на матката и растегнувањето на меките ткива околу родилниот канал, но тие сепак многу се разликуваат од вообичаената болка настаната од некоја друга причина.
Постојат специфични техники за полесно породување и намалување на болката во текот на породувањето. Вакви техники се Lamaze техниката, методите на Dick-Read и други. Овие техники стануваат особено популарни во текот на ’70–тите години од минатиот век.
Според некои теоретичари, болката и негативното искуство од породувањето не се неизбежни. Напротив, болката е резултат на стравот од породувањето и впечатокот кој се пренесува од колено на колено, од мајките на ќерките. Оваа теорија го нагласува значењето на запознавањето и едукацијата на идната мајка во врска со чинот на породувањето, така што стравот од непознатото би се заменил со попозитивен став за породувањето и би се зголемила самоувереноста на бремената жена, што секако има големо значење за текот на породувањето.
Францускиот доктор Fernand Lamaze развил метода која ја нарекол “породување без болка”. Со спроведување на одредени вежби за дишење и физички вежби во текот на третиот триместар, трудницата се учи да ги контролира анксиозноста и стравот во текот на породувањето и да се опушти или да турка во моментот кога тоа е потребно.
Постојат голем број студии кои ги докажуваат позитивните ефекти од активностите наменети за подготовка на трудницата за породување. Се покажало дека оваа и други методи за подготовка ја зголемуваат самоувереноста на бремената жена, го подготвуваат партнерот за активно учество во текот на породувањето, па дури и дека делуваат позитивно на брачните односи.