Третиот триместар е крајниот период на бременоста. Во последните три месеци плодот се доразвива структурно и финкционално, органите созреваат, а бебето ја добива конечната форма. Овој триместар започнува на почетокот на 28. гестациска недела, а завршува со породувањето.

Што се случува со плодот во текот на третото тромесечие:

  • Во текот на седмиот месец од бременоста плодот има должина од 36 – 40 cm и тежина до 1300 грама.Во овој период се формираат масните наслаги на бебето, особено важни за одржување на стабилна телесна температура по породувањето. Кожата е набрана и црвена. Видно е дека бебето постепено се приближува кон родилната тежина (тежината која ја има веднаш по породувањето). Доколку се роди бебето во овој период се смета за прематурус, или предвремено родено бебе. Неопходна е стручна помош додека вака роденото бебе се оспособи за целосно самостоен живот.
  • До крајот на осмиот календарски месец од бременоста, односно до 36. гестациска недела, бебето достигнува должина до 45 cm, и тежина до 2.5 kg. Во овој период настапува забрзан раст и забрзан развој на мозокот на бебето. Скоро сите органи, со исклучок на белите дробови, се  веќе развиени и функционални. Бебето прави посилни движења, па “клоцањето” е видливо и на стомакот на мајката однадвор. Кожата на бебето станува помазна и со помалку брчки.
  • Бебето во последните четири гестациски недели до терминот за породување достигнува должина до 50 cm, а тежината нормално достигнува до 3 – 3.5 kg. Всушност, тоа се димезиите кои бебето ги има по породувањето, наречени родилна тежина и должина. Белите дробови се целосно созреани. Материјата наречена сурфактант ја има во доволни количини и овозможува навлегување на воздухот во белите дробови и нормално продишување (прв плач на бебето). Кожата е розова и мазна. Како се приближува породувањето, бебето се лоцира пониско во стомакот на мајката и станува нешто помалку активно.