Текстот кој го објавуваме е дел од документот WBTi Assesment report за Република Македонија. За осмиот индикатор Исхраната на бебињата и ХИВ инфекцијата, оцената која ја доби Македонија е 1. Овој индикатор се однесува на политиките и програмите кои се однесуваат на доењето и ХИВ инфекцијата и тековниот мониторинг на мерките и исходот кај мајките и бебињата со ХИВ.

 Извор на информациите:

Оргиналниот извештај може да го погледнете на http://worldbreastfeedingtrends.org/ или на следниот линк: Macedonia Report card 2017 и  Assessment report Macedonia. Повеќе информации за севкупниот процес на оценување прочитајте во нашиот претходен текст Проценка на состојбата со доењето во Македонија

Исхраната на бебињата и ХИВ инфекцијата

WBTi coverСпоред последните достапни податоци од Институтот за јавно здравје, во периодот од 1987 до 2014 година, регистрирани се вкупно 236 лица кои живеат со ХИВ/СИДА. Според начинот на пренесување на ХИВ инфекцијата, Институтот информира дека само 6 случаи се регистрирани како пренос на ХИВ од мајка на фетус; малиот процент на вертикална трансмисија е објаснувањето за недостигот од политики и програми за ХИВ позитивните мајки.

Државата има национална програма за заштита на населението од ХИВ/СИДА, без споменување на какви било конкретни мерки за спречување на вертикалниот пренос на ХИВ со цел обезбедување на здравјето на мајките и нивните бебиња.

ХИВ-тестирањето е задолжително само за парови кои планираат бременост со in vitro инсеминација.

Државата има протокол за породување со царски рез. Се споменува дека царскиот рез се нуди како избор за ХИВ позитивни мајки.

Здравствените работници вработени во службите за грижа за мајки и деца се вклучени во посебна обука за превенција на пренесувањето на ХИВ, но не се обучени за советување за хранење и доење на новороденчиња од  ХИВ позитивни мајки.

Во моментов се креира Национална стратегија за ХИВ/СИДА 2017-2020. Начинот на пренос на ХИВ инфекцијата од мајка на дете ќе биде вклучен во стратегијата. ХИВ позитивните мајки ќе бидат поддржани во нивните одлуки за начинот на хранење на новороденчето.

Недостатоци

  • Преносот на ХИВ вирусот од мајка на дете не се смета за јавно здравствен приоритет во земјата.
  • Државата нема национална политика за исхрана на доенчиња и мали деца (IYCF) која ја вклучува исхрана на доенчињата и ХИВ.
  • Здравствените работници не се обучени за ХИВ и исхраната на бебињата.
  • ХИВ позитивните мајки не се поддржани во нивните одлуки за начинот на хранење на новороденчето.
  • Не е организиран континуиран мониторинг.
  • Не постои програма за исхрана на доенчиња и ХИВ во антенаталните одделенија.
  • Има недостаток на сеопфатно познавање за ХИВ меѓу давателите на здравствени услуги.

 

baby mother bed C6D1WP

Препораки

  • Владата треба да ги имплементира меѓународните упатства за ХИВ и исхрана на новороденче во постоечките политики за ХИВ.
  • Државата треба да даде приоритет на активностите за поддршка на жените со ХИВ, како тие би направиле информиран избор за хранењето на своите бебиња.
  • Државата треба да се осигура дека мајките и бебињата се заштитени и поддржани во рамки на сеопфатен систем на услуги, кои вклучуваат превенција, нега, третман, поддршка и следење, за да се спречи вертикалниот пренос на ХИВ и да се обезбеди здрав исход за мајките и нивните бебиња, како продолжение на мерките за заштитата, промоција и поддршка на доењето за општата популација
  • Владата треба да обезбеди обука на сите релевантни здравствени работници и социјални работници во заедницата, во врска со ХИВ и правилата за хранење на доенчето.

Превод: Благица Ингилизовска (Преводот е изработен на волонтерска основа.)

Уредување: Др Денис Ал Кхалили – Специјалист педијатар

___________________________________________________________________________ 

* Една од трите главни програмски насоки на Организацијата Лулка е промоција, заштита и поддршка на доењето. Лулка го промовира доењето во Македонија од 2011 година, преку едукација на трудници и доилки, соработка со WABA и одбележување на Светската недела на доењето секоја година.