Текстот кој го објавуваме е дел од документот WBTi Assesment report за Република Македонија. Следните 5 индикатори се однесуваат на практиките во врска со доењето, оцените се описни, а секој индикатор содржи коментар во врска со практиките кои се применуваат. Според податоците од MICS истражувањето, само 21% од новороденчињата се дојат во првиот час од раѓањето, додека 64% од бебињата започнуваат со доење во текот на првиот ден од раѓањето.

Според последното истражување на УНИЦЕФ,  23% од децата на возраст под 6 месеци се ексклузивно доени, за деца на возраст од 0-35 месеци просечното времетраење на доењето  е 12,1 месец. 79% од децата на возраст од 0-23 месеци се хранат со шише со цуцла. Во Македонија, 41% од сите деца на возраст од 6-8 месеци добиле цврста, полу-цврста или мека храна на ден пред интервјуто, а кај само 28% од бебињата кои се доени навремено и соодветно е воведена комплементарна исхрана.

 

Извор на информациите:

Оргиналниот извештај може да го погледнете на http://worldbreastfeedingtrends.org/ или на следниот линк: Macedonia Report card 2017 и  Assessment report Macedonia. Повеќе информации за севкупниот процес на оценување прочитајте во нашиот претходен текст Проценка на состојбата со доењето во Македонија

Индикатор 11: Рано поттикнување на доењето (21%)

WBTi cover

Коментар:

Последните податоци поврзани со стапката на доењето се добиени од истражувањето MICS (2011) како репрезентативно национално истражување на состојбата со здравјето и исхраната на бебињата и малите деца.

Најновите студии покажуваат дека контактот кожа-на-кожа помеѓу мајката и новороденчето, кратко време по раѓањето, помага за рано започнување на доењето и  ја зголемува веројатноста за ексклузивно доење од еден до четири месеци по раѓањето, како и за зголемување на вкупното времетраење на доењето. Доенчињата поставени на мајката веднаш по раѓањето, исто така, се чини дека повеќе комуницираат со нивните мајки и помалку плачат.

Според податоците од MICS истражувањето, само 21% од новороденчињата се дојат во првиот час од раѓањето, додека 64% од бебињата започнуваат со доење во текот на првиот ден од раѓањето. Мајките со високо образование (22,6%) и мајките кои доаѓаат од домаќинства со најголеми примања (29%) имаат поголема веројатност да ги дојат своите деца во првиот час по породувањето.

Раното започнување на доењето е од суштинска важност за превенција на новороденечката смртност и влијае на исхраната во детството; сепак, тоа останува на ниско ниво во Македонија, а идентификацијата на факторите и потешкотиите е многу важна за подобрување на активностите во иднина.

 

Индикатор 12: Ексклузивно доење во првите шест месеци (23%)

Коментар:

Доењето е соодветен начин да се обезбеди идеална храна за здрав раст и развој на бебињата; исто така, доењето е интегрален дел од репродуктивниот процес со важни импликации врз здравјето на мајките. Истражувањата покажуваат дека ексклузивното доење до 6 месеци е оптимален начин за хранење на бебињата. Во првите шест месеци од животот, мајчиното млеко само по себе, е идеална храна која ги  обезбедува сите хранливи материи кои му се потребни на доенчето, вклучувајќи витамини и минерали, што значи дека нема потреба од други течности или храна.

Најновите податоци за доењето на национално ниво се добиени од последното истражување на УНИЦЕФ, според кое 23% од децата на возраст под 6 месеци се ексклузивно доени. Податоците од истата анкета покажуваат разлика помеѓу половите (31,1% момчиња и 16,1% девојчиња) и разлика помеѓу урбаните и руралните разлики. Континуирано евидентирање на податоците за доењето, вклучувајќи  ја и стапката на  ексклузивно доење, сè уште не е воспоставено како систем за мониторирање на здравјето.

И покрај доброто познавање на значењето на ексклузивното доење, системот за поддршка и доењето не се широко распространети, а зголемувањето на глобално ниво сеуште е многу скромно, со многу простор за подобрување. Националните програми за исхрана на децата бараат инвестиции и посветеност за подобрување на практиките за хранење на новороденчињата со цел тие да имаат максимално влијание врз животот на децата.

 

breastfeeding gastro

 

Индикатор 13: Просечно времетраење на доењето (12,1 месец)

Коментар:

Податоците за овој индикатор не се континуирано собирани и евидентирани, а веродостојни податоци единствено се добиени со истражувањето на УНИЦЕФ. Податоците од истражувањето покажаа дека за деца на возраст од 0-35 месеци просечното времетраење на доењето  е 12,1 месец. Просечните времетраења на ексклузивното доење (1,3 месеци) и на доминантното доење (2,8 месеци) се екстремно кратки.


Индикатор 14: Хранење со шише (79%)

Коментар:

Здравите практики за хранење на новороденчињата, вклучувајќи  го  и ексклузивното доење и одложување на воведување на било какво хранење со шише кај бебињата кои цицаат, се промовираат од страна на клиничките доктори, како и од бројни национални и меѓународни организации. Сепак, мајките ги засноваат своите одлуки за хранење на новороденчињата врз база на повеќе фактори, вклучувајќи ги нивните искуства, семејните обврски, социо-економските околности и културните верувања. Податоците од УНИЦЕФ МИКС истражувањето во 2011 година покажаа дека хранењето со шише со цуцла сеуште е многу распространето. 79% од децата на возраст од 0-23 месеци се хранат со шише со цуцла.

 

Индикатор 15: Комплементарна исхрана (28%)

Коментар:

Во Македонија, 41% од сите деца на возраст од 6-8 месеци добиле цврста, полу-цврста или мека храна на ден пред интервјуто, а кај само 28% од бебињата кои се доени навремено и соодветно е воведена комплементарна исхрана. Друг индикатор кој ги покажува практиките за хранење на бебињата на возраст од 6-23 месеци кои се дојат, е процентот од нив кои добиваат цврста, полу-цврста или мека храна со минимален број на оброци (2-3 пати). 30,2% од децата на возраст од 6-23 месеци добиваат, покрај доењето, цврста храна најмалку 2-3 пати дневно. Овој процент е повисок кај машките деца (38%) и во урбаните средини. Од децата кои не цицаат, 86% добиле цврста, полу-цврста или мека храна или млеко четири или повеќе пати дневно.

 

Превод: Николина Дојчиноска (Преводот е изработен на волонтерска основа)

Уредување: Др Денис Ал Кхалили – Специјалист педијатар

___________________________________________________________________________ 

* Една од трите главни програмски насоки на Организацијата Лулка е промоција, заштита и поддршка на доењето. Лулка го промовира доењето во Македонија од 2011 година, преку едукација на трудници и доилки, соработка со WABA и одбележување на Светската недела на доењето секоја година.