И Македонија се вклучи во одбележување на Светската недела на доењето, која трае од 1-ви до 7-ми август. Здружението за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца Лулка од Скопје, Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство и компанијата Хипомед оваа година ja одбележуваат неделата на доењето.
Одбележувањето е со едукација на сите медицински сестри и акушерки за доење, со јавна кампања за промоција на значењето на доењето и со донација на Bempu Tempwatch алки за хипотермија, за предвреме родените бебиња испишани од Одделението за неонатална интензивна нега на Клиниката.
Под слоганот „Заложи се за доењето“, годинава, Светската недела на доењето е насочена кон развој и зголемување на капацитетите на здравствениот систем и на општеството за поддршка на доењето. Организацијата Лулка ќе организира онлајн обука со стручни предавачи, наменета за акушерки, медицински сестри, гинеколози/акушери, педијатри и доктори по семејна доење, за значењето на современата поддршка на доење во духот на Светската недела на доењето 2022. Потоа, ќе дистрибуира флаери за информирање на секоја породена мајка за значењето на доењето, со кратки основни упатства за доење и контакти каде може да добијат соодветни информации и поддршка по доаѓањето дома. Во август и септември, семејствата со предвреме родено бебе кои ќе ја напуштат Клиниката ќе добијат специјален уред (Bempu TempWatch) за контрола на температурата на предвреме роденото бебе, за поттикнување на кенгурирањето и на доењето. Оваа донација, обезбедена од компанијата Хипомед, е наменета за предвреме родените бебиња кои се испишуваат од одделението за неонатална интензивна нега на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, во соработка со Клиниката и организацијата Лулка.
„Преку едукација и трансформација низ повеќе сектори, може да направиме квалитетна промена и да обезбедиме поддржувачка средина, соодветни навремени информации за младите родители, кои се сѐ повеќе свесни за големите предности на доењето и сакаат да го дојат своето бебе“, објаснува д-р Денис Ал Кхалили, претседател на здружението Лулка и доктор на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство.
Директорката на Клиниката Др. Викторија Јовановска го пренесува ставот на Клиниката во пресрет на Светската недела на доењето: „Во рамки на одбележување на Светската недела на доењето во соработка со организацијата Лулка ќе спроведеме едукација на кадарот за значењето на доењето во современ контекст, вклучително и за потенцијалните можности и мерки за заштита поврзани со КОВИД-19. Целта на сите активности е да ги поставиме мајките и бебињата во фокусот и на породени мајки да им обезбедиме основни информации за доење, како и каде да се обратат за поддршка за доење по испис од родилиште, нешто што сигурно многу ќе им значи. Преземаме и активности да го поттикнеме доењето на предвреме родените бебиња и поврзувањето на мајките и бебињата, како продолжение на претходно воведените посети во единицата за неонатална интензивна нега, што беше поздравено од семејствата со предвреме родени бебиња. Овие активности се во согласност со препораките на УНИЦЕФ и СЗО и во духот на неделата на доење. И ние како клиника „се заложуваме за доењето“ и посакуваме квалитетен развој на сите бебиња кои се раѓаат на Клиниката“.
Здружението Лулка бара здравствените власти и локалната заедница да се вклучат во заштита, промоција и поддршка на доењето и преку нивно информирање и едукација да се овозможи позитивна околина за доење за семејството. Затоа што, мајчиното млеко е перфектно создадено за да ги задоволи нутритивните и имунолошки потреби на бебето. Доењето во првите неколку години од животот ги штити децата од инфекција, обезбедува идеален извор на хранливи материи, исто така е економично и безбедно. И покрај овие исклучително значајни придобивки, практиките за доење не се оптимални во многу делови на светот. Голем број од децата не започнуваат со доење доволно рано, не се ексклузивно доени во текот на препорачаните шест месеци или прерано престанува доењето. Мајките често се соочуваат со притисоци да преминат на хранење со формула за бебиња, што може да придонесе кон побавен раст и недоволно внесување на микро-прехранбени состојки. УНИЦЕФ и СЗО препорачуваат новороденчињата да бидат: задоени во рок од еден час по раѓањето; исклучиво подојувани во првите шест месеци од животот и да се подојуваат до возраст од 2 години и понатаму.
Светската алијанса за доење (WABA) секоја година ја одбележува Светската недела на доењето од 1-7. Август. Организацијата Лулка е застапник (endorser) на WABA во Македонија и работи на промоција, заштита и поддршка на доењето во изминатите 13 години. Доењето има многу предности за бебето, за мајката и секако, за општеството. Ал Кхалили наведува дека предност за бебето е тоа што доењето има заштитна и нутритивна функција, го подобрува здравјето, спречува неухранетост и дебелина во детска возраст. Додека, мајката преку доењето полесно се поврзува со бебето, има помала веројатност да развие постпородилна депресија, долгорочно е заштитена од хронични и малигни болести. Предности за семејството и општеството се еднаквоста, економската стабилност која ја нуди доењето, помалку трошоци за семејството и за здравствениот систем. Затоа, тој наведува дека мора да се создаде систем за обезбедување поддршка за доењето преку едукација во текот на бременоста, стручна наобразба на медицинскиот персонал кој учествува во раѓањето за овозможување контакт кожа-на-кожа во првиот час по породувањето, како за спонтано, така и за инструментално породување и породување со царски рез, и соодветна поддршка за доење во домот на семејството до 6 недели по породувањето.
Дополнителни информации – акциски план за Светската недела на доењето 2022:
Контакт лице:
Денис Ал Кхалили
Претседател
Здружение „Лулка“
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.