Доењето претставува најприроден, најлесен, најздрав и најевтин начин за хранење на бебето. Тоа носи многу предности, како за бебето, така и за мајката.

Доењето има непроценливо значење за бебето. Пред се, мајчиното млеко по состав е најпогодно за бебето и хранливите материи во него се соодветно избалансирани во секој момент од развојот на бебето. Тоа содржи идеален сооднос на протеини, масти, шеќер и вода, а ги содржи и сите витамини и олигоелементи кои му се потребни на бебето за правилен раст и развој. Млекото единствено не содржи витамин D. Поради тоа овој витамин мора да се дава во вид на капки со што се овозможува правилен развој на скелетот на бебето. Составот на мајчиното млеко постепено се менува соодветно на потребите на бебето кое расте. Тоа овојможува квалитетен развој на бебето, добро напредување во тежина и помага бебето да израсне во здраво дете и здрава возрасна индивидуа.

Бебињата кои се хранат со мајчино млеко поретко се разболуваат и кај нив се забележува подобро напредување и раст во текот на првата година од животот. Поради идеалниот состав на мајчиното млеко, тоа речиси целосно се ресорбира (прифаќа) од цревата на бебето. Затоа во првите 6 месеци столицата е оскудна, а бебето одлично напредува во тежина.

Кај бебињата кои цицаат се забележува поретка појава на вообичаените инфекции за доенечка возраст. Тие бебиња помалку страдаат од цревни инфекции (дијареа), од респираторни инфекции и од воспаление на средното уво. Ова се должи на антителата кои бебето ги добива од мајката преку мајчиното млеко. Првото млеко (колострум) кое се создава во првите денови по породувањето е особено богато со антитела и хормони. На овој начин имунолошкиот систем на мајката го заштитува бебето во првите шест месеци по породувањето, додека да созрее неговиот сопствен имунолошки систем. Токму поради силната заштита која ја обезбедува мајката со доењето, кај повеќето доени деца првите инфекции се јавуваат дури по 6. месец.

Поновите истражувања реферираат постоење на специфични масни киселини во мајчиното млеко кои го потпомагаат развојот на мозокот на бебето и овозможуваат нормален развој на когнитивните функции.