Правилното поставување на бебето и правилното прифаќање на пупката е многу значајно за квалитетно и правилно доење. Доколку бебето не ја прифати пупката како што треба, доењето е неправилно и предизвикува болка и нелагодност кај мајката.

Бебето помалку цица и послабо напредува во тежина. Овие појави предизвикуваат стрес и демотивираност на мајката, што од своја страна предизвикува послабо ослободување на хормонот окситоцин, задржување на млекото во дојките, стврднување на градите и воспаление (маститис).

Како да ги разликувате правилното и неправилното прифаќање на пупката од страна на бебето?

  • Доколку бебето е правилно поставено и правилно ја прифати пупката на мајката, оската на главчето и телото на бебето формираат права линија.
  • Најголемиот дел од ареолата (темната зона околу пупката) не се гледа поради тоа што е опфатена со устата на бебето.
  • Брадата на бебето и врвот на носето ја допираат дојката. Бебето може слободно да дише додека цица.
  • Доколку пупката е целосно и правилно опфатена од бебето, мајката не чувствува болка и нелагодност во текот на доењето.
  • Мајката може да забележи дека бебето добро цица и доколку неговите усни се свртени кон надвор. Доколку долната усна на бебето е вовлечена кон внатре, прифаќањето не е правилно и треба да се обидете повторно. Доколку бебето продолжи вака да цица, постои голема веројатност дека ќе настане воспаление на пупките, рагади итн.
  • Уште еден интересен знак дали бебето правилно ја прифаќа пупката и добро цица е присуството на капка млеко на усните агли на бебето. Доколку не цица правилно, бебето не влече доволно млеко и нема капка млеко на усните агли.
  • Доколку бебето правилно цица, би требало да мочка 5-6 пати и да има столица 1-2 пати во текот на 24 часа.

 

 

 

 

{jcomments on}