Забременувањето на мајката како една најрадосна и најубава состојба, која е плод и израз на љубовта кај двајца партнери, за многу луѓе е остварување на соништата, постигнување на целта во животот и наоѓање на суштината на целокупното нивно постоење.

Периодот на бременоста е исполнет со многу планови, надежи, очекувања и радосни погледи кон иднината во очекување на бебето. Двајцата партнери возбудено ја уредуваат идната детска соба, ги купуваат најубавите пеленки, пижамчиња, капчиња и се што е потребно за бебето, со најголема радост и емоции. Идните родители се радуваат, а во исчекување е и целото семејство и сите пријатели, постојано се зборува за името и полот на детето итн. 

Но, убавите емоции и очекувања, од било која причина во наредниот миг можат да бидат заменети со најцрното сценарио за еден родител, а тоа е загубата на своето дете. Веднаш се менува целата слика, се менуваат сите емоции, исчезнуваат сите планови и започнува еден долг процес на тагување за изгубеното бебе. Секоја индивидуа тагува на свој уникатен начин. Тагувањето зависи од повеќе фактори, како што се индивидуалноста на секоја личност, личните сфаќања и културни верувања, возраста, нивото на подршка од  околината, поврзаноста која  ја имала индивидуата со своето дете итн. Некои родители тагуваат јавно и отворено, додека други се повлекуваат во себе и ја задржуваат својата ерупција од емоции сокриена во себе.

Процесот на тагување е комплексен, а патот по кој се оди нема секогаш да биде по точно определена шема или пак сличен како кај некој друг, но тој ќе биде лично Ваш и важно е да се знае дека каков и да е, процесот на тагување е нормална и очекувана реакција на загубата на Вашето дете. Некои родители успеваат да ја надминат или намалат својата тага за покусо време, а на некои им треба повеќе време да поминат низ процесот на оджалување. Не постои временска рамка за тагувањето, и не постои точен или погрешен начин на оджалување за да се намали вашата болка, исто онака како што не постои вистинско време и спремност да се доживее ваква загуба. Апсолутно имате право на време за оджалување колку што Ви е потребно. Некои луѓе на суптилен начин може да го носат тагувањето низ целиот свој живот, доколку им е на нив тоа потребно.

 

Ивана Хаџиванова - Психолог