По загубата може да чувствувате некои од подолу наведените реакции, во некои случаи нема да го имаат истиот редослед и секој индивидуално може временски да се задржи во секоја одредена фаза.

 

1. Неверување - Првата фаза е фаза на неверување кога се наликува на кошмарен сон и кога секој си го поставува прашањето „Зарем ова на мене ми се случува?“. Секој човечки организам би бил во шок, никој не очекува и не посакува приказната да отиде во оваа насока.

2. Негирање - Ова е фаза во која човекот не е способен и немоќен е во моментот да ја прифати реалноста, и влегува во една фаза на неверување и одбивање да се прифати вистината за трагичниот настан. Во оваа фаза се појавуваат мисли дека можеби станува збор за некоја грешка, и може да се случи да има блок на емоциите и да нема плачење воопшто. Како што постепено ќе се дозволи на сознанието за реалноста да допре до свеста, негирањето ќе почне да бледее и ќе почнат да се појавуваат емоциите.

3. Лутина и бес - Лутината и бесот може да бидат насочени спрема себе, докторите, бог, партнерот или било кој друг. Понатаму следат и чувства на преплавеност со емоции и чувство на губење на контрола.

4. Договарање и ценкање – Ова е фазата во која родителот го моли Бога за да го врати своето дете, ветува различни работи, и во оваа фаза интензивно расте чувството на вина со реченицата „Ако го направев ова...немаше да се случи тоа...!“ итн. Не смее да се дозволи личноста да заглави во оваа позиција до крајот на својот живот, бидејќи тука лежи добра основа за една тешка депресивна состојба, па мора да се најдат капацитетите и да се оди понатака низ процесот на жалење. Доаѓа и период кога постои голем копнеж по детето и сите работи кои мајката сака да ги прави со него, да го држи, да го дои, да го милува и бакнува. Мајката не треба да има грижа на совест кога погледнува и чувствува љубомора на другите парови и мајки кои среќни ги растат своите деца, бидејќи и тоа е премногу човечка и нормална појава и чувство. На моменти се појавува лутина и презир кон сите оние кои не го чувствуваат истото, кон оние кои се смеат и продолжуваат со животот.

5. Депресивност, тага, себесожалување, губење на интересот за дневните активности, чувство на безвредност, стравови, осаменост, изолација, намалена самодоверба и контрола врз себе се чести појави и чувства низ овој процес.

6. Прифаќање - Со текот на времето тагата и болката ке добијат нова форма, а Вие ќе најдете начин да живеете со загубата на вашето дете на помирен и нежен начин. Ќе дојде моментот кога ќе се почувствувате повторно живи, ќе се смеете и ќе чувствувате во некои моменти среќа без чувството на грижа на совест кое претходно ве прогонуваше. Ќе дојде до прифаќање на реалноста, ќе се воспостави контактот со сегашноста и ќе почнете да бидете способни да правите убави планови и за иднината, чувствувајќи се повторно силни и спремни за се друго што ќе донесе животот.

Ивана Хаџиванова - Психолог