Постојат неколку важни совети и стратегии за справување со тагата.
- Зборување со другите за детето и за болните чувства на загуба може да помогнат во процесот на оджалување. Може да зборувате со вашиот партнер, близок член од семејството или со близок пријател, и со тоа да бидете во контакт со своите емоции и да имате можност да ги покажувате и празните.
- Кога ќе имате потреба за плачење, плачете и не се спречувајте ! Катарзата и самиот организам ќе ја завршат својата функција на регулација. Доведете ги сите емоции на површина, вашата болка е реална и игнорирајте ги сугестиите од типот „Биди јака, не плачи... “ кои би Ве потиснувале и спречувале во изразување на вашите автентични емоции.
- Вежбањето и физичката активност е добар лек за многу состојби, па така и за оваа. Иако ова би било многу тешко во почетниот период, понатака спортска активност од типот пешачење, трчање, искачување на планина физиолошки со самото создавање на ендорфини ќе направат да се чувствувате подобро. Се разбира и да не го заборавиме контактот со самите себе кој ни е потребен, и кој би го имале доколку спортуваме сами.
- Поддршка, покрај пријателите, семејството и партнерот, може да бидат и групи на подршка кои се сочинети од други родители кои го искусиле истото. Сознанието дека не сте единствени кои го искусиле ова дава олеснувачко чувство.
Во овој дел би ја споменала и стручната помош која секогаш и во секој момент може и треба да ја побарате. Искрено препорачувам индивидуални сеанси кај Психолог Гешталт-психотерапевт со кој би зборувале за вашата состојба и заедно би минувале низ процесот на тагување, како и би добиле безрезервна подршка и соодветна професионална помош. Активно би се работело на повторна употреба на вашите потенцијали, контакт со себе, свесност и враќање на вашите сили и способности со кои би можеле да бидете одличен родител во иднина кога би биле повторно спремни за тоа.
Ивана Хаџиванова - Психолог