Во текот на првите два дена од Октомври 2012 година во Скопје, на новата Клиниката за гинекологија и акушерство се одржа работилница наменета за специјалистите неонатолози и медицинските сестри кои работат на неонатална интензивна нега.
Тема на работилницата беше негата на најмалите пациенти, предвремено родените бебиња и новите методи на механичка вентилација на овие бебиња, со цел нивно поквалитетно лекување.
Она по што беше различна оваа работилница од останатите беа гостите предавачи од Клиниката Траутштајн во Германија. Ра ботилницата ја водеа Д-р Тобијас Трипс - педијатар неонатолог интензивист и медицинската сестра Реџина Мајвалд. Во исто време, своето знаење го надградуваа докторите од нашите две клиники со Д-р Трипс и медицинските сестри со Г-ѓа Мајвалд. Овој пристап на истовремена едукација на лекарите и медицинските сестри би требало да придонесе кон целокупно подобрување на негата на предвремено родените бебиња во овие две клиники.
Работилницата ја организираше компанијата Винора од Скопје во соработка со Drager од Германија, чии најсовремени машини за дишење на овие клиники се користат веќе 2 години.
Она што е значајно за нас е фактот дека на работилницата, за прв пат пред докторите беше промовиран Клубот на родители ПремНова, чија цел е едукација и поддршка на родителите и целокупно подобрување на негата на овие бебиња додека се во болница и по доаѓањето дома. Беше промовирана и брошурата КОГА ШТРКОТ ЌЕ ПОДРАНИ - Упатство за родителите на предвремено родено дете. Поинтензивна јавна промоција на оваа брошура е планирана за следниот период.