Одбележувањето на овој ден е потсетник за важноста на заедничкото делување на Министерството за здравство, здравствените институции, стручната јавност и родителите на предвреме родените бебиња, со цел секое предвреме родено бебе да добие шанса за здрав и сигурен почеток во животот. 

Овој ден потсетува на предизвиците со кои се соочуваат предвремено родените деца, но и на напорите што ги вложуваат здравствените власти, здравствените работници и институциите за да обезбедат подобри услови и повисоки стандарди во нивното лекување. 
 
Во оваа насока разговаравме и со министерот за здравство, Азир Алиу.
 

viber image 2025 11 17 14 21 53 768

Се смета дека соработката помеѓу родителите на предвреме родените бебиња, медицинскиот персонал, компаниите и здравствените власти како креатори на политики е особено важна за подобрување на целокупните услови за предвремено родените бебиња и деца. Кој е вашиот став за оваа меѓусебна поврзаност и за потенцијалот кој го нуди соработката?

Предвреме родените бебиња се исклучително чувствителна категорија пациенти и Министерството за здравство континуирано се залага за унапредување на условите за третман на овие новороденчиња. Клучна е ефективната соработка меѓу родителите, гинеколозите, неонатолозите и медицинските сестри за подобрување на условите и стандардите за предвреме родените бебиња и нивните семејства. Секој кој е инволвиран во грижата за овие пациенти може да придонесе за што е можно поквалитетна здравствена заштита. Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа која истовремено ги третира и најкомплексните гинеколошки состојби кај жените, но и најкомплексните состојби кај новороденчињата. Стручните тимови од оваа установа покрај тоа што ја вршат најблагородната работа – донесување нови животи на свет, тие истовремено се и нишката на поврзување со самите родители. Како што споменав, меѓусебната соработка е исклучително значајна затоа што со заеднички заложби од сите чинители придонесуваме кон подобар здравствен систем. Потребен е сеопфатен пристап во превенцијата на предвременото раѓање, иницијалното згрижување и третман на овие предвреме родени новороденчиња, поддршка на родителите, обезбедување ресурси и следење на најновите терапевтски модалитети и поддршка од здравственитее власти. Оваа заемна соработка би резултирала со придобивки пред се во здравствениот, развојниот и емоционалниот развој кај детето. Колаборативниот модел создава поефикасен и сочувствителен систем кој навистина ги става прематурните новороденчиња и семејствата во центарот на грижата.

Очигледен е напредокот во третманот и преживувањето на предвремено родените бебиња во Македонија во последните години? Што мислите Вие за овој тренд и дали сметате дека овој ефект е одржлив?

Според достапните податоци, постои значителен напредок во третманот и преживувањето на предвремено родените бебиња во Македонија во последните години. Трендот е позитивен и укажува на одржлив ефект, пред сè поради координирани инвестиции и стратешки подобрувања во системот на здравствена заштита. Сепак, за одржливоста е неопходно да се продолжи со инвестициите, особено во опремата за интензивната нега и обезбедувањето доволно медицински кадар. Овие елементи се клучни за одржување и дополнително подобрување на постигнатите високи стандарди.

Оваа година Светската здравствена организација (СЗО) првпат го стави 17. ноември во календарот на значајни датуми за јавното здравје на глобално ниво. Според Вас, колку е значајно за јавното здравје глобалното препознавање на оваа популација на пациенти, предвреме родени бебиња и нивните семејства?

Апсолутно сметам дека оваа категорија на пациенти треба да биде препознаена како една од најсензитивните и секој здравствен систем на глобално ниво да ја потенцира оваа област како приоритет. Во нашата држава, оваа категорија пациенти е во фокусот на Министерството за здравство и Владата, така што на годишно ниво изготвуваме Програма за активна здравствена заштита на мајките и децата, каде што општа цел на програмата е континуирано унапредување на здравјето на децата и жените во репродуктивен период во насока на намалување на доенечката и матернална смртност. Се работи и на системот на мониторирање на здравствениот статус на мајките и децата, како и на рано откривање на заболувања кај новороденчињата преку повеќе различни скрининг програми.

Годинава, СЗО, првпат официјално го вклучи Светскиот ден на предвремено родени во својот зравствен календар. Ова глобално признавање е историски чекор кој ја истакнува ургентната потреба од подобрување на преживувањето и квалитетот на животот на предвремено родените бебиња и нивните семејства. Целта е да се поттикнат владите да инвестираат во специјализирана опрема и нега, да ја зајакнат грижата за мајчиното здравје и да обезбедат поддршка за семејствата. Програмата ја нагласува принципиелната важност на еднаквоста во преживувањето на овие бебиња, која не треба да зависи од географската местоположба или семејниот доход. И се разбира постоењето на економската оправданост и стремежот кон идни здрави деца без здравствени и развојни компликации.

Какви се плановите и стратегиите во иднина во врска со оваа значајна група на пациенти, која не е голема, но лекувањето е особено долго, комплицирано и скапо?

Зборуваме за значајна група високоризични пациенти, со своја специфика во развојот, негата и третманот. Во таа насока, изминатата година на Клиниката за гинекологија и акушерство е извршена комплетна реконструкција на лаборатории, амбуланти и специјалистички кабинети, што значи унапредување на условите за третман на сите пациенти, вклучувајќи ги и предвреме родените бебиња.

Исто така, за Клиниката за детски болести со поддршка од Амбасадата на Јапонија е обезбеден мобилен дигитален рентген апарат, со кој се олеснува пристапот до оваа дијагностика за најмладите пациенти, а особено предвреме родените бебиња, кои нема потреба да се транспортираат до оваа клиника, туку дијагностичката процедура да се изврши таму каде што се хоспитализирани.

Идните стратегии се насочени токму кон превенција на предвременото породување (доколку е возможно), пренатално кортикостероидно зреење на фетално белодробие, породување во терциерни здравствени центри кои овозможуваат соодветна примарна неонатална ресусцитација, опрема и третман, поддршка на семејствата, промоција на доењето и исхрана со одмолзено мајчино млеко, „kangoro mother care“ и имплементирање на најсовремена опрема и континуирана едукација на целиот здравтвен персонал вклучен во грижата и негата на мајката и прематурното новороденче. Во оваa насока продолжуваме да делуваме и во иднина, со цел подигнување на квалитетот на здравствените услуги за најмладите пациенти.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочува здравствениот систем во Македонија во врска со превенцијата, лекувањето и следењето на предвремено родените бебиња и деца? Дали сметате дека е потребно подобрување на здравствениот систем во овој сегмент?

Здравствениот систем во Македонија веќе е во процес на континуирано подобрување во овој сегмент. Клучните предизвици со кои се соочува се од еколошки, демографски и здравстевен аспект, а се однесуваат на загадениот воздух, возраста на мајките (>35 години), асистирано потпомогнатото оплодување, високата стапка на прееклампсии, се почестите високо ризични бремености, како и потребата од здравствени работници. Иницијативите се со цел воведување нови скрининг програми до големи инфраструктурни инвестиции, кои се јасни индикатори дека властите ги препознаваат овие предизвици и активно работат на нивно решавање. Значителното намалување на перинаталната смртност од над 21% во 2017 година на 6,7% во 2024 година, покажува дека насочените напори може да дадат позитивни резултати. Сепак, продолжениот фокус на нови програми и опрема, исто така, укажува дека системот сè уште работи на поддршка, јакнење и обезбедување оптимална нега.

Се смета дека навременото интервенирање и лекување во првите минути и часови по раѓањето е особено важно за преживување и добар исход кај предвреме родените и болните бебиња. Дали имате план за подобрување на условите за стабилизација и транспорт на предвремено родените и болните новородени од местото на раѓање до терциерните центри?

Навременото интервенирање во првите критични минути и часови е важно за исходот кај предвремено родените и болните новороденчиња. Целта е да се идентификуваат високо ризичните бремености на време и да се евалуираат од стручен тим. Најдобро е доколку е можно да се спроведе транспорт „in-utero“ до терциерен центар кој располага со неонатална интензивна нега и терапија. Доколку раѓањето се случи во здравствена институција од секундарно ниво, секогаш треба да има обучен тим кој може да започне со примарна неонатална ресусцитација и стабилизација и да се повика специјализиран неонатален транспорт кој располага со транспортен инкубарор, респиратор и мониторинг систем и ова прематурно новороденче да се транспортира во неонаталната интензивна нега на Клиниката за детски болести во Скопје. Идејата е создавање национален координациски центар за неонатален транспорт, кој ќе ги прима повиците, ќе ги мобилизира тимовите и ќе комуницира со болниците. На овој начин би се создала интегрирана, добро обучена и брза мрежа која непречено ќе функционира од местото на раѓање до единиците за неонатална интензивна нега, со цел да се даде најдобра грижа за секое бебе и можна шанса за здрав и квалитетен живот.

Колку е значаен Светскиот ден на предвременото породување ?

Светскиот ден на предвременото породување е исклучително значаен глобален настан, посветен на обележување на сериозниот јавно-здравствен предизвик на предвремените родени деца и поддршката за нивните семејства. Значењето на овој ден произлегува од сериозноста на самиот проблем и глобалните напори за негово решавање. Целта е подигнување на свесноста, обезбедување подобра грижа, поддршка за семејствата и најдобра здравствената заштита.