Се подготвувате за посета на Ваши пријатели или роднини? Го планирате првиот одмор со Вашето бебе? Дилемата е кога и како сте подготвени за првото патување со авион со Вашето бебе. Што СЕ Ви е потребно?

 

Mojot prv let

 

За оние родители кои почесто патуваат ова прашање веројатно е едноставно и може брзо да го одговорат, но за мене, мајка на прво родено дете, беше вистински предизвик. На идејата за патување со мало бебе, најпрво следеше одлука за тоа на која возраст (изразена во месеци) сметаме дека е најбезбедно да се патува со нашето синче. Лекарите препорачуваат дека е потребно имунолошкиот систем на бебето да е што поразвиен пред првиот лет. Вообичаено препорачуваат бебето да е најмалку еден месец, иако повеќето препорачуваат бебето да има помеѓу три до шест месеци.

Наша одлука беше тоа да го направиме после третиот месец, откако нашето синче ќе ја прими првата доза од шестовалентната вакцина. Потоа се информиравме кои документи се потребни за издавање на патна исправа за деца помали од 4 години (повеќе информации се достапни на следниот линк: https://mvr.gov.mk/upravni-rab/1).

Исто така континуирано читавме различни текстови со цел да направиме синтеза на корисни и практични совети, кои би го олесниле патувањето. Основната препорака е да не поаѓате на патување/лет без добра подготовка. Направете листа со работи кои ќе ги понесете на пат за вас и за Вашето бебе. Кога однапред детално планирате и ќе ја понесете сета потребна опрема за патувањето/летот, тогаш можете да бидете сигурни дека ги имате потребните алатки за пријатно патување или спремно да дочекате некои ситуации како на пример одложен лет, откажан лет и сл.

 

download

 

Во меѓувреме пожелно е да купите патничко осигурување за целото семејство, кое може да ги олесни трошоците, доколку се јави потреба да посетите доктор во текот на Вашето патување. Исто така прочитајте ги правилата на компанијата со која ќе летате. Вообичаено повеќето компании нудат:

  • Бесплатно приоритетно влегување во авионот ако патувате со новороденче;
  • Безбедна брза лента;
  • Спакувана бебешка храна и течности.

Во авионот може да понесете една бебешка количка на расклопување или лулка. Некои мајки преферираат (на аеродром) бебето да го носат во кенгур, но лично мене ми беше попрактично да користам количка. Исто така подобро е да резервирате посебно седиште за Вашето бебе, иако деца на возраст до две години патуваат бесплатно, кога седат во скутот на родителот/старателот. Не само што патувањето со транспортер во посебно седиште е побезбедно за Вашето бебе, туку ќе ви даде и повеќе простор на Вас како родител да се релаксирате и одморите. Траспортерот потребно е да биде поставен на седиштето до прозорот.

 

images 1

 

Совети за патување во авион со бебе

Еве неколку совети кои се многу значајни и може навистина да Ви помогнат:

  • Доколку постои можност резевирајте директен лет;
  • Секогаш пред да се качите во авион посетето го тоалетот и сменете пелена на бебето, а бебето облекувајте го во слоеви;
  • На полетување и слетување поради промена на притисокот и евентуално појава на болки во ушите може да го доите Вашето бебе или да пие млеко од шишенце или пак да му понудите цуцла (ако Вашето бебе користи цуцла).

За време на летот не носете премногу работи. Пакувајте се разумно и практично. Тоа ќе Ви заштеди многу време во пакување и распакување особено доколку престојувате или патувате на неколку различни места.

Што е потребно да понесете за време на летот:

  • неколку пелени (една пелена за секој час од патувањето);
  • бебешки марамчиња и/или стерилни гази;
  • алишта за преслекување
  • подлога за преслекување
  • ќебенце 
  • тетра пелени (имаат различна намена)
  • мали играчки (иако предмети како празна кутија или празно шишенце од вода може да користат како одлична замена за играчки)
  • резервни цуцли
  • стерилни шишиња за млеко (совет: млекото во прашак може да се стави во шишето и потоа да се додаде соодветна количина на превриена вода)
  • термос со зовриена вода
  • лекови за бебето (лековите понесете ги во оргиналното пакување со цел полесно да се идентификуваат при контрола) и 
  • средство за дезинфекција на раце.

 

images

 

За крај, сепак има неколку придобивки за патување со бебе кое е на возраст од само неколку месеци: 

  • најчесто многу спие;
  • се уште не умеe да оди, односно да трча;
  • има мала телесна тежина и е лесно преносливо.

Се разбира, не секогаш патувањето ќе се одвива во најдобар ред (грчеви во стомачето, плачење, покачена телесна температура и сл.), но тоа е само привремено. Ниеден плач или лет не трае бесконечно долго :) Само за кратко ќе бидете на Вашата дестинација. За следното патување ќе бидете побогати со многу спомени и прекрасни доживувања.

Кои други совети можете да предложите за патување со бебе?

 

Текстот го напиша и го сподели со нас:

Дипл.психолог Даниела Неделкова, мама на Даријан 

Член на Совет на родители во организацијата ЛУЛКА


 

 

 Pregnatol DHA MKD Lulka no2

 

 

  

ikonka

newsletter archive icon 2


Активностите на организацијата Лулка и на Платформата за поддршка на родители на предвреме родени деца ПремНова се одвиваат со поддршка и во соработка со Европската фондација за грижа на новородени (European Foundation for Care of Newborn Infants). EFCNI е првата паневропска организација која ги застапува интересите на предвремено родените деца и нивните родители.

 

Умбрела

 logo konceptmama