Доењето е природен процес. Секоја мајка може да го дои своето бебе. Исклучок претставуваат некои болести или состојби кај мајката, релативно ретки, кои не дозволуваат исхрана на бебето со мајчино млеко.
Како што веќе споменавме, промените во текот на бременоста не ги заобиколуваат ни млечните жлезди. Напротив, кон крајот на бременоста дојките се потполно развиени и спремни да го хранат бебето. Кај бебето постои таканаречен рефлекс на цицање. Овој рефлекс овозможува хранење на бебето со мајчино млеко уште во првите моменти по породувањето. Иако во првите моменти млеко има во мали количини, тоа е сосема доволно да ги задоволи потребите на бебето. Токму првото млеко, наречено колострум, има уникатен состав и исклучително значење за развојот на бебето и заштита од инфекции.
Правилното доење се учи. Тоа не е тешко, но треба да се запазат одредени принципи на поставување и придржување на бебето. Мајката треба да ги знае и да ги препознава знаците на правилното и на неправилното доење. Неправилното доење може да предизвика оштетување на пупките, болка и постепено губење на млекото.