Како што воспоставувањето на лактацијата е процес, исто така и престанокот на млекото, т.е. прекинувањето со доење, мајките мора да го сфатат како процес кој минува низ повеќе фази.

Имено, овој текст е наменет за да одговори на најчесто поставуваните прашања и дилеми кои се наметнуваат, а на кои ќе се обидема да дадеме стручен медицински одговор.

Кога е најдобро да се прекине со доење?

Препорака од педијатрите (вклучително и СЗО и УНИЦЕФ), базирано на медицински релевантни студии е дека децата треба да се дојат екслузивно (исклучително) во првите 4-6 месеци, а потоа постепено да се почне со воведување на дополнителна храна, со која ќе се заменуваат подоите. Оптимално е доењето да трае до 12 месеци, а по избор и подолго. Тогаш кога децата ќе почнат да внесуваат и друга храна освен мајчиното млеко, доењето станува поважно од имунолошки аспект и конфорт, а не само поради исхрана.

Како да се прекине доењето?

За моментот кога Вие и вашето бебе ќе бидете спремни да го прекинете доењето, постојат некои совети кои ќе ви помогнат во тоа.

  • Кога постојат можности, секогаш е подобро доењето да се прекинува постепено, во текот на неколку недели или месеци. Ненадејно и брзо прекинување е потребно само во вонредни околности (болест на мајката или детето, раздвојувања од некоја причина  или слични ситуации).Ваквиот начин на прекинување е тежок и може да предизвика несакани компликации.
  • Воведете чаша од која децата ќе ги учите да пијат, а тоа за дете над 6 месеци не би требало да биде проблем. Доените деца тешко или никогаш не прифаќаат шише со цуцла! Најдобро е да почнете да им давате измолзено мачино млеко кое тие го обожаваат.
  • Почнете да заменувате еден подој со оброк, и тоа по можност најнеомилениот. По неколку дена (најдобро по една недела) заменете уште еден подој со оброк, но секогаш оставете ги за крај вечерните и утринскиот подои. Од тие подои детето најтешко се “откажува”!
  • Хранењето не треба да се одвива на истото место каде детето се дои. Препорачливо е да вклучите друг член од семејството во хранењето на детето (мајката секогаш асоцира на доење !).
  • Може да се обидете и со “парцијално прекинување” на доењето, особено за мајките кои почнуваат да одат на работа. Во тој случај, се дава измолзено мајчино млеко (свежо измолзено или претходно замрзнато), со чаша или шишенце покрај другите оброци и подои (кога мајката е присутна). Во овие случаи особено е важно да се следи порастот на тежината на детето, за што можете да се консултирате со вашиот педијатар и заедно да ја направите “стратегијата”.
  • Доколку имате проблем со градите, застој на млеко или дискомфорт, потребно е да се измолзете и да ги растеретите дојките. Ладните облоги можат да помогнат, како и пиење на Парацетамол или Ибупрофен за намалување на тегобите. Се препорачуваат ладни облоги и делумна рестрикција на течности. Стегањето на градите, како тривијален метод може да има потреба да се прави ако треба брзо да се прекине со доењето (слично како и пиењето на хормонот Бромергон), или доколку мајката има поголема количина на млеко. Доколку постепено се прави рестрикција во подоите овие проблеми можат да се избегнат. Секако, потребна е контрола на градите и консултација со вашиот гинеколог доколку се појави зголемена температура, црвенило или болни стврднувања на дојката или линфните жлезди.
  • Некои мајки го одбираат методот каде детето го “води” одбивањето. Тоа значи дека мајката треба да го набљудува детето и  неговите потреби и интереси. Имено, да не му ја нуди градата за подој тогаш кога тоа не е заинтересирано за тоа, но и да не го одбива кога детето ќе покаже желба за цицање. Со овој начин на доење тоа може да продолжи и до 2 годинишна возраст, доколку мајката е спремна за ова.
  • Многу важна препорака за мајките е да не го прекинуваат доењето кога децата се болни или имаат некакви други проблеми (вадење на запчиња особено). Тоа се ситуации кога доењето на децата им е истовремено и храна и “лек”. Oва исто така, се однесува и на најтоплите месеци во годината кога е зголемен ризикот од цревни инфекции (проливи и повраќања), а истовремено децата имаат и поголеми потреби за внес на течности.

И за крај, потребно е да се потенцира дека секое искуство е индивидуално (особено за секој пар мајка-дете). Се надеваме дека овие практични совети за прекин на доењето ќе ви помогнат да не го доживеете овој процес како непријатно искуство. Секако, доколку имате некој  конкретен проблем, потребно е да побарате стручна медицинска помош од лекар (педиајатар или гинеколог, зависно од конкретниот проблем).

 

Текстот е објавен во рамките на Светската недела на доењето 2011

Прим. Д-р Марина Поп-Лазарова

Специјалист Педијатар