Во рамките на Светската недела на доењето која Здружението Лулка ја одбележува од 01 до 07 Август, се потрудивме да обезбедиме голем број едукативни текстови, информации, стручни совети и мислења во врска со доењето.

Во рамките на активностите, реализиравме и интервју со Асс. Д-р М-р сци. Аспазија Софијанова, шеф на Одделот за интензивна терапија на Клиниката за детски болести – Скопје. Текстот е објавен во рамките на Светската недела на доењето 2011.

Лулка: Што се работи во единица за педијатриска интензивна нега? За какви бебиња се грижите таму?

Д-р Софијанова: Во одделот за неонатална интензивна нега и терапија се згрижуваат најкритичните новородени. Оние кои настрадале во текот на раѓањето, кои имаат перинатален проблем, понатаму се згрижуваат новородени кои имале проблем уште пред самото раѓање (пренатален проблем), како и оние кај кои се очекува проблемот допрва да настане, од многубројни причини, кај мајката или кај самото бебе (постнатален проблем). На оддел за интензивна нега и терапија се згрижуваат и сите новородени кои имале задушување за време на породувањето, како и оние со инфекција, бидејќи сепак инфекциите се најчеста причина за нарушено адаптирање на новороденчињата по раѓањето. Тука доеаѓаат и оние бебиња кои се родиле пред очекуваниот термин за породување и бараат дополнителна терапија и нега. Начинот на работа во самата единица е специфичен и уникатен, бидејќи грижата ја врши медицинскиот персонал составен од сестри и лекар нон-стоп 24 часа на ден. Третманот понекогаш вклучува и апарати за вештачка поддршка на дишењето и дополнителни лекови за одржување на белите дробови, срцето и мозокот.

Лулка: Што е предвремено родено бебе и каков третман му е потребен на едно вакво бебе?

Д-р Софијанова: Предвремено новородено е секое новороденче родено пред очекуваниот термин за раѓање. Во оваа група се вбројуваат родените пред 37. гестациска недела (ГН). Постојат новородени кои се со екстремно ниска родилна тежина, родени помеѓу 26. до 32. гестациска недела. Овие предвремено родени (прематурни) новородени добиваат посебен третман и истите и во нашата држава успешно се лекуваат со најновите тераписки методи и современа апаратура. Приодот кон овие новородени е поагресивен и бара подолг престој на одделот за интензивна терапија. Потоа доаѓаат помалку ризичните и постари предвремено родени во 32. до 37. гестациска недела. За овие новородени конзервативниот принцип на лекување е предност и привилегија. Сепак, и кај нив, иако се на постојано мониторирање, може да дојде до затајување на незрелите бели дробови. Поради тоа, во одделот за интензивна терапија секогаш е неопходен  посебен третман и грижа за сите прематурни новородени подеднакво.

Лулка: Знаеме дека секое бебе кое се раѓа најпрво бара и треба да цица. Бремената жена после нормално вагинално породување во најголем број случаи е подготвена да го дои своето бебе и да ја задоволи неговата потреба за храна. 

Дали бебињата кои се раѓаат порано од предвидениот термин може да цицаат од мајката веднаш по раѓањето?

Д-р Софијанова: Предвремено родените бебиња имаат потреба од храна исто како и сите други, бидејќи тоа е начинот на кој растат и добиваат сила за да го надминат проблемот поради кој се донесени на на оддел за интензивна терапија. Исхраната зависи од гестациската старост и од зрелоста на новороденото. Во основа, прематурчињата со тежина над 2000g кои имаат рефлекс за цицање, а немаат потреба од агресивно мониторирање можат да бидат хранети со мајчино млеко, што подразбира давање на измолзено мајчино млеко и цицање доколку условите го дозволуваат тоа. Впрочем, мајчиното млеко е најдобриот лек за раст и развој на бебето. Доколку детето има ниска родилна тежина и состојбата не го дозволува доењето, хранењето се изведува во строго болнички услови. Во зависност од состојбата, овие деца може да се исхрануваат преку сонда која се става директно во желудникот или се дава специјално приготвена храна преку вена како инфузија.

Лулка: Колку време бебето се задржува во интензивна нега?

Д-р Софијанова: Секое бебе е индивидуална приказна и нема правила за тоа колку долго ќе се задржи. Тоа зависи од случај до случај, но најважно е дека никаде не се брза, во интерес на бебето. Состојбата се следи секој миг, се надгледува како напредува и се однесува бебето. Некои бебиња остануваат неколку дена, други остануваат и по неколку месеци, во зависност од претходната состојба во текот на бременоста, од гестациската старост на бебето при раѓање, од неговата телесна тежина и од болеста поради која е примено.

Лулка: Дали за цело време на престојот кај вас бебето е во инкубатор?

Д-р Софијанова: Вообичаено, на почетокот, секое новороденче кое е примено се става во инкубатор, кој ја имитира мајчината утроба и претставува заштита од околината и од евентуални инфекции. Во исто време, инкубаторот обезбедува топлина потребна за одржување на терморегулациониот центар на бебето, кој е многу важен за добар почеток на нормалниот развој на бебето. Подоцна, бебињата се ставаат на специјално бебешко креветче (вормер), кое ја одржува околната температура на определено ниво. На крајот, кога ќе биде добро бебето се сместува на нормално креветче заедно со неговата мајка.

Лулка: Дали сите бебиња поминуваат определен период во инкубатор?

Д-р Софијанова: Сите предвремено родени бебиња се сместуваат во инкубатор поради незрелост на терморегулациониот центар, што е последица на незрелоста на самото новородено. Температурата вообичаено се одржува на околу 37 степени за да не дојде до ладење на бебето и пореметување на функцијата на неговите органи. Доносените (термински) новородени може да бидат сместени во креветче со дополнително греење.

Лулка: Како се храни бебето кога е во инкубатор?

Д-р Софијанова: Додека е во инкубатор бебето најчесто започнува да се храни со сонда, т.е. тенка пластична цевка која оди до желудникот. На тој начин се контролира внесот на храна, дали детето прима храна и колку. Оваа храна е специјално подготвена во болничката кујна, во количина која соодвествува на возраста на самото бебе. При тоа, се запазува стерилноста и се води сметка за тоа колку може да внесе (колку толерира) самото бебе. Се започнува со минимална количина, што во литературата се нарекува минимално ентерално внесување на храна. Потоа, се гледа како истата бебето ја поднесува, со оглед на неразвиениот гастроинтестинален тракт. Постепено се зголемува количината која се дава и во моментот кога состојбата ќе дозволи, се вади сондата и се започнува хранење со измолзено млеко од мајката и/или млеко по формула. Кога рефлексот на цицање ќе дозволи бебето се става на дојка под надзор на сестра и доктор.

Лулка: Дали мајката го посетува своето бебе додека е на интензивна нега?

Д-р Софијанова: На одделот за интензивна нега и терапија има посебни термини кога е дозволена посета од родителите, пред се мајката, која има право да се погали со своето бебе и да му ја даде најдобрата терапија, мајчинската љубов. Тоа се прави во строго утврдени услови во кои на бебето му се овозможува да го почувствува нежниот мајчински допир. По посетата и бебето и мајката се поспокојни.

Лулка: Какво влијание има воспоставувањето на овој однос за продолжувањето на цицањето по доаѓањето дома?

Д-р Софијанова: Посетата на мајката на новороденото во оддел за интензивна нега и терапија има исклучително позитивно влијание во одржување на лактацијата. Бебето треба да продолжи да се дои во домашни услови. Целата идеја на контактот мајка-бебе е да се смири мајката и  да се ослободи од стресот кој влијае на лактацијата. На тој начин, преку соодветна едукација треба да се одржи лактацијата во домашни услови. На тој начин би се овозможило, по враќањето дома, бебето да продолжи да цица. Мајката дома треба да се одмолзува и на тој начин, и покрај стресот, да ја воспостави и одржи потребната лактација.

Лулка: Како се развива бебето доколку не продолжи да цица и понатаму се храни со адаптирано млеко?

Д-р Софијанова: Доколку од повеќе причини мајката нема млеко, т.е. ја изгуби лактацијата, постојат различни млечни формули со кои се храни бебето. Во овој случај мајката не смее да се обесхрабрува. Многу мајки, поради стравот и грижата за бебето кое е на интензивна нега го губат млекото. Но денес постојат адаптирани формули со кои, по претходна консултација со педијатар, може да се дава соодветно млеко со кое растот и развојот на детето ќе продолжат без проблем. Мајчиното млеко е најдобро и тоа нема цена, а екслузивното доење се промовира насекаде во светот. Сепак, таму каде од објективни и субјективни причини тоа не е можно, адаптираното млеко ја заменува калориската потреба на детето.

Лулка: Какви се практиките во врска со оваа проблематика во западните земји?

Д-р Софијанова: Македонија се носи со овој проблем рамо до рамо со западниот систем на живеење и едукација, како и преживување на децата во интензивна нега. Може да се каже дека со интензивната единица драматично се намали смртноста на новороденчињата во Р. Македонија. Она што претходно се сметаше за нерешлив случај, сега е дел од нашата успешна секојдневна пракса.