Поддршката на доењето го илустрира потенцијалното влијание на различни фактори врз одлуката на мајките да дојат и да стекнат позитивно искуство од доењето. Објавени за прв пат во текот на Светската недела на доењето 2008.
Круговите на поддршката продолжуваат да имаат значајна улога во формирање на одлуката на мајките да ги дојат своите бебиња.
Кругови на поддршка се:
- Семејството и социјалното опкружување
- Здравствениот систем
- Работното место и вработувањето
- Владата/ Законодавството
- Одговорот во случај на криза и итни случаи
Петте кругови на поддршка ја опкружуваат жената која е во централниот круг.
Жените во централниот круг
За повеќе информации кликнете на линкот http://www.waba.org.my/whatwedo/gims/gims+5.htm
Семејството и социјалното опкружување
Сопрузи/партнери/татковци, семејство и пријатели ја сочинуваат непосредната и континуирана мрежа на поддршка за мајката. Социјалното опкружување вклучува поддршка во заедницата – на пазар, во верските заедници и објекти, во паркот, во соседството... Поддршката, доколку е достапна во текот на бременоста, го намалува стресот. Поддршката од околината ја зголемува самодовербата кај мајките дека се способни да дојат и да го одржат доењето подолго, не само во првите неколку недели по породувањето.
Здравствен систем
Ова вклучува голем број можности за поддршка на доењето. Овие можности варираат, од пренатална грижа за мајката и поддршка при породувањето, па се до постнатална грижа која го поттикнува поврзувањето на мајката и бебето и оптималната исхрана на новороденото. Здравствени работници обучени за советување во врска со доењето им пружаат на мајките поддршка пред и по раѓањето.
Работното место и вработувањето
Вработените жени секојдневно се соочуваат со предизвици и потребна им е поддршка за да продолжат да дојат и по започнувањето на работа. Можностите за поддршка на мајките кои дојат се разновидни колку и работите кои тие ги вршат, но вообичаено вклучуваат овозможување на услови за контакт мајка-бебе во текот на работното време, или пак пауза за измолзување и услови за чување на измолзеното мајчино млеко.
Влада/Законодавство
Жените кои планираат да дојат или веќе дојат имаат корист од поддршката која ја пружаат меѓународните документи, заштитата за обезбедување на оптимална исхрана на доенчето, плус од активни и добро финансирани национални комисии. Законодавството кое се бори против агресивниот маркетинг на замените за мајчино млеко и кое законски пропишува платено породилно отсуство многу им помага на жените кои дојат.
Одговор во случај на криза и итни случаи
Овој круг ја претставува потребата за поддршка во случај кога жената ќе се најде во неочекувана и/или сериозна ситуација, со намален степен на контрола. Состојби кои бараат особено планирање и поддршка се: природни катастрофи, бегалски кампови, постапки за развод, сериозна болест на мајката или бебето, живеење во области со широка распространетост на ХИВ/СИДА, во кои не е обезбедена поддршка за доење.