Ф.П. – мајка од Битола, вели дека доењето е најздрав, најлесен и најпрактичен начин на хранење на вашето бебе. На почетокот имала проблеми, но ги надминала со поддршка и совети од други мајки кои поминале низ истотo. Според неа, доењето е блискост која само се доживува, едно посебно чувство на љубов и грижа за своето дете.

 

breastfeeding third

 

Дали вашето искуство со доењето е позитивно? Што за Вас претставува доењето?

Доењето за мене претставува едно големо позитивно искуство, поврзување помеѓу мајката и бебето, блискост која само се доживува, едно посебно чувство на љубов и грижа за своето дете.

Кажете ни нешто повеќе за вашата бременост и породување? 

Од моментот кога разбрав дека ќе имаме принова, уживав во бременоста, се релаксирав, го чекав моментот на породувањето. Сакав тоа да биде на природен начин и бев подготвена за самиот чин. Меѓутоа поради одредени компликации во бременоста мораше породувањето да се изврши со царски рез. Но, се помина во најдобар ред. И породувањето и закрепнувањето, и сега веќе имам големо момче на 9 годишна возраст.

Дали знаевте нешто за доењето пред да се породите? Дали добивте информации за доењето во текот на бременоста? 

За доењето знаев некои општи работи. Од претходни искуства на пријателки, од читање на литература, некои работи ги имав научено во текот на мојата работа. Информации за доењето добивав само од списанија, форуми и сл. Меѓутоа немав ништо слушнато од некое стручно лице.

 

Breastfeeding

 

Дали имавте проблеми на почетокот на доењето и ако имавте, како ги надминавте?

На почетокот имав помали проблеми околу доењето, т.е околу лактацијата, проодноста на каналите и сл. Но ги надминав со поддршка и совети од некои други мајки кои имаа родено пред мене.

Дали добивте поддршка за воспоставување на доењето и лактацијата во болница?

Во болницата во која се породив не добив никаква помош и поддршка околу доењето. Тогаш не постоеше мајчина школа за трудниците.

Дали патронажна сестра Ви даде поддршка за доењето дома и колку Ви значеше таа поддршка?

Патронажната сестра која беше неколку пати во нашиот дом, повеќе ме упати во негата и грижата за бебето, а многу малку околу лактацијата и доењето.

Според Вас, колку е значајно мајката да добие соодветна едукација за доењето навреме, уште пред породувањето?

Според мене од голема важност е мајката да биде добро информирана и едуцирана за доењето, бидејќи ако и се познати бенефитите од доењето, како за бебето така и за неа, ќе биде поупорна, нема да се откаже и ќе го дои подолго време своето бебе.

 

breastfeeding.jpg.653x0 q80 crop smart

 

Што беше пресудно за да продолжите да го доите Вашето бебе?

Здравјето на моето бебе, поврзаноста што ја имавме, нежноста што ја чувствував додека го држев, беа пресудни за да продолжам да го дојам.

Дали добивте поддршка од вашето семејство во однос на доењето ?

Голема поддршка имав и од сопругот. Иако блиските роднини негодуваа бидејќи го доев бебето подолго време, сопругот ме поддржуваше бидејќи двајцата го сакавме најдоброто за нашето дете.

Дали доите/доевте во јавност?

Не ми пречеше да го дојам бебето и во јавност. Како што сите имаме потреба од храна, дома или кога сме излезени, така и бебето мора да се нахрани. Го доев и кога бевме на гости кај некои роднини или пријатели.

 

Breastfeeding 2

 

Што мислите, кога е идеално време да се престане со доењето?

Не знам дали постои идеално време за да се прекине доењето. Секоја мајка си одлучува сама. Кога ќе се намали лактацијата, можеби поради здравствени проблеми, ако детето само се отргне од дојката, ако почне да ја користи дојката за играње, а не за хранење.

Каков совет би им дале на идните мајки кои допрва треба да се породат и да дојат?

На сите идни мајки им препорачувам да уживаат во бременоста, да не се оптоваруваат со непотребни работи, да се релаксираат, да шетаат, да уживаат со сопругот очекувајќи го своето најмило. Да бидат упорни и да го дојат бебето колку што можат подолго. Не постои големо бебе кога се работи за доењето. Да се хранат здраво. Доењето е најздрав, најлесен и најпрактичен начин на хранење на вашето бебе.

 

ЛОГО