Марија Атанасовска – Водителка на познатата емисија за бебиња, деца и родители 0м+ на ТВ Телма, вели дека најчесто со упорност, правилна техника и поддршка, успешно се решаваат повеќето проблеми со доењето. Среќна е што успеала во намерата нејзините ќерки да бидат на мајчино млеко, бидејќи придобивките се повеќекратни. Како од здравстен, така и од емотивен аспект. Блискоста во тие моменти е неповторливо искуство кое треба да го искуси секоја мајка.
Дали Вашето искуство со доењето е позитивно? Што за Вас претставува доењето?
Двете доенички приказни ми се сосема различни. Со првата ќерка воопшто не бев подготвена за периодот после породувањето, за мајчинството и не знаев дека доењето на почетокот може да биде проблематично и болно. Иако Јована се роди со одличен рефлекс за цицање и педијатрите ми рекоа дека има фат како три месечно бебе, сепак не напредуваше во тежина. Нешто не беше како што треба. Се посомневав дека немам доволно млеко, но прегледот од страна на педијатарот на моите дојки го покажа спротивното. Ми се појавија рагади, на почетокот на секое доење имав многу силни болки. Повикав патронажна сестра во пензија, која ми помагаше со измолзувањето и правилното поставување на бебето да града. На крај, добив одличен совет за убаво да се отворат каналите на дојките - да се измолзам со масажа во сад во топла вода. И навистина, после тоа се’ се среди.
Но, доев со часовник. Некаде прочитав дека така треба. На секои два часа по 15 мин од секоја дојка што беше комплетно непотребно оптоварување. Ја доев и навечер на два часа, ми ѕвонеше часовникот за случајно да не пропуштам подој. Првите месеци бев толку уморна што не се сеќавам јасно на тој период, понекогаш не бев сигурна дали вечерта сум ја надоила или сум го сонувала тоа. Притоа, ќерка ми ја мерев секојдневно за да проверам дали напрадува како што треба и покрај тоа што знаев за препораката мерењето да биде еднаш во месецот. Имав вага иста како во педијатриските амбуланти. Стравот дека немам доволно млеко ме прогонуваше во првите три месеца. Ако се случеше некој ден да не ја качи посакуваната тежина, после подојот ќе се измолзев па со лажичка и го додавав млекото. Кога воведов дохрана ми олесна, бидејќи бев сигурна дека не е гладна. Оттогаш и доењето беше порелаксирано и дури тогаш вистински ја почувствував убавината на таквиот контакт.
Постарата ќерка ја доев 13 месеца и никогаш и немав понудено адаптирано млеко. Мојата втора приказна со доењето е сосема поинаква. Бистра се роди во 37 недела и постојано спиеше, не знаеше да ја фати брадавката. Да немав искуство немаше да успееме да воспоставиме доење. Иако на прв поглед изгледаше дека искуството ќе биде покомплицирано од првото, не беше така. Со голема упорност во првите денови се’ се среди. Но, пристапот ми беше поинаков. Бебето цицаше кога сака, колку сака и каде сака, а јас имав одлична лактација. Послушав совет на искусен гинеколог кој ми рече, прави како што правеле нашите баби. Тие не доеле со часовник. Бебето ако е гладно и плаче цело време, кога ќе дојде време за доење, преморено од плачењето, нема да може да влече и ќе заспие. И нема да напредува, а ти ќе немаш доволно млеко. Го послушав. Никогаш не се измолзував, бебето одлично напредуваше, вагата не ја употребив ниеднаш - репер ми беа полните пелени. Сосема опуштено пристапив кон целиот процес на доење. Доев секаде, на клупа во парк, на лежалка на плажа, во ресторани и кафулиња, при полетувањето и слетувањето во авион, во воз на пат кон Келн... Бистра цицаше речиси две години и веројатно мојот втор доенички стаж ќе траеше подолго, но морав да прекинам бидејќи во последните месеци ми се јави повторувачки маститис.
Среќна сум што успеав во намерата моите ќерки да бидат на мајчино млеко, бидејќи придобивките се повеќекратни. Како од здравстен така и од емотивен аспект. Блискоста во тие моменти е неповторливо искуство кое што треба да го искуси секоја мајка.
Кажете ни нешто повеќе за вашата бременост и породување?
Имав тешки и исцрпувачки бремености, со секојдневни силни мачнини и повраќања цели шест месеци. Сите накачуваат килограми, но јас на почетокот слабеев. Што не значи дека не се поправив 20 килограми во последните месеци пред породувањето. Особено големи проблеми имав со втората бременост, поради што правев испитувања секои две недели во текот на 9-те месеци. И покрај тоа, работев до 9-от месец.
Кога бев трудна со Јована, ја водев емисијата за електронска музика и независната музичка сцена Т-град, и секој викенд снимав клупски и концертни настани. Понекогаш кога беше прегласно во клубот, чувствував дека бебето се вознемирува и почнува да клоца, па порано заминував од настанот и го оставав снимателот самиот да ги направи инсертите.
А кога бев трудна со Бистра, бев дел од тимот на утринската програма. Се имаше случено од дежурен лекар на Клиника, утрото да продолжам на работа и да влезам во програма. Двапати се породив со царски рез. Оние што минале низ такво искуство знаат дека не е лесно, бидејќи веднаш после операцијата добивате бебе во раце кое треба да цица, да го кревате, да му менувате пелени. Но, вистина е она што рекле старите, сите проблеми се забораваат. Кога ќе се навратам на бременостите прва асоцијација ми се убавите работи, прегледот на ехо и звукот на срцевата активност, чувството на првите движења во стомакот, првите 4D снимки и анализите на кого повеќе личи бебето...
Дали знаевте нешто за доењето пред да се породите? Според Вас, колку е значајно мајката да добие соодветна едукација за доењето навреме, уште пред породувањето?
Првиот пат немав никакво предзнаење, бев окупирана со бременоста, дали е се во ред со бебето, како ќе мине породувањето. Воопшто не размислував за доњето, сметајќи дека е природен процес за кој нема што многу да се чита и учи. Се одвива милиони години, зошто би било комплицирано?
Но, токму неинформираноста и немањето соодветна стручна поддршка за доење во првите денови после породувањето е причина што многу мајки посегнуваат по адаптирано млеко. Порано сите жени доеле, ретки биле оние што немале млеко. На родилката најблиските и го пренесувале искуство бидејќи повеќето жени во некој период од животот биле доилки, минале низ најчестите препреки и успешно ги совладале.
Но денес е поинаку. Денешните генерации растеле на адаптирано млеко бидејќи во 80-те се сметало дека тоа е подобра опција од мајчиното млеко, дека бебињата така побрзо напредуваат, така што нивните мајки најчесто немаат искуство со доењето. Денеска тазе мајки немаат од кого да добијат соодветен совет кога ќе дојдат дома со новороденчето. Затоа е потребна голема поддршка во родилиштата, а потоа и од патронажните сестри.
Дали добивте поддршка за воспоставување на доењето и лактацијата во болница?
Се породив во Чаир, каде работи искусен неонатолошки тим. Благодарение на една од докторките, не дадов адаптирано млеко откако се вратив дома, бидејќи ми сугерираше дека ќе успеам во доењето. Дури и практично, со мало топче колку џамлија, ми покажа колкаво е бебешкото желудниче и всушност колку малку млеко му е потребно во првите денови. Тоа е исклучително важно, некој да ви влее самодоверба. Во болницата ми беше покажано како рачно да се измолзам, како да го наместам бебето и и ме уверија дека треба да бидам истрајна.
Дали патронажна сестра Ви даде поддршка за доењето дома и колку Ви значеше таа поддршка?
Првиот пат, за жал немав посета од патронажна сестра, иако ми беше повеќе од потребна. Затоа се снајдов на друг начин, ангажирав приватно искусна патронажна сестра во пензија. Кога се породив со втората ќерка, патронажната сестра дојде неколку пати, но со оглед на тоа дека доењето беше успешно воспоставено, фокусот беше ставен на тоалетата на папчето. Тие посети се исклучително важни, дури и за мајките со искуство, бидејќи секогаш се јавува по некој ситен проблем кој во моментот изгледа голем како планина.
Дали добивте поддршка од вашето семејство во врска со доењето?
Добив голема поддршка од семејството во однос на доењето, ниту еднаш никој не ме поколеба да пробам со дохрана со адаптирана формула во моментите кога бебето плачеше. Во однос на мојата одлука за продолжено доење, на моменти беше поинаку. Понекогаш добивав коментари дека треба да мислам и на себе, бидејќи бев преморена од ноќните подои, а тука беа работните и домашните обврски.
Што мислите, кога е идеално време да се престане со доењето?
Мојот став е дека бебето треба да цица до крајот на првата година, а дали доењето ќе продолжи и понатаму зависи од тоа дали мајката може и има желба. Бидејќи бебето речиси секогаш сака да цица. Препораките на СЗО се доење со адекватна дохрана до крајот на втората година, па дури и третата, но денес жените кои се во редовен работен однос не секогаш можат да издржат такво темпо. Децата што цицаат најчесто се будат навечер и по цела ноќ се на дојка, не затоа што се гладни, туку за да остварат контакт со мајката, а тоа може да биде голем проблем за ненаспаната мајка кога утрото ќе појде на работа. Тоа е најчестата причина зошто жените кои сакаат продолжено да дојат, ставаат крај на нивната доеничка приказна.
Во нашата средина мајките кои одлучиле да дојат после првата година, често се среќаваат со осуда од средината, со прашања зошто дојат дете што има заби и може да јаде, со сугестии дека е најдобро да прекинат. Но, придобивките од мајчиното млеко не завршуваат после шестиот месец како што некои веруваат. Напротив, доењето да детето после првата година има бројни предности, кои се потценети поради неинформираност. Продолженото доење е нормално и пожелно и го препорачуваат повеќето релевантни педијатриски организации во светот.
Како организаторка и водителка на популарната ТВ емисија за бебиња и деца 0м+, што мислите, каков е ставот за доењето во Македонија, кај мајките и кај професионалците?
Моето чувство е дека се поголем е бројот на мајки што сакаат да дојат. Има групи на социјалните мрежи за поддршка на доењето со бројно членство, каде мајките споделуваат искуства, потоа има советнички за доење кои ги решаваат најчестите проблеми кои доведуваат до премин од мајчино млеко на адаптирано, а секако тука се и педијатрите кои гласно даваат поддршка на доењето. Сепак, има стручни лица кои и понатаму на првата препрека советуваат премин на адаптирана формула, и затоа реагираат некои мајки. Тоа е најлесниот начин. Но, најчесто со упорност, правилна техника и поддршка, успешно се решаваат повеќето проблеми со доењето.
Според податоци на Уницеф само 1 до 5 % од жените не можат да дојат поради некаков здравствен проблем, што значи сите останати би можеле со соодветна помош и поддршка. А кај нас едвај 30 % од жените дојат, што значи поголемиот дел од родителите користат адаптирано млеко за нивното бебе. За оваа слика да се промени потребни се кампањи кои што идните мајки ќе ги запознаат со бенефитите од доењето и стручна помош за доилката, за да може секое бебе да го добие најдоброто што му е потребно – мајчиното млеко.
Каков совет би им дале на идните мајки кои допрва треба да се породат и да дојат?
Единствениот совет кој можам да им го дадам на идните мајки е да се подготват за она што ги чека со доењето, доколку се одлучни да дојат. Да посетуваат работилници за доење каде што ќе бидат запознаени со начините за воспоставување успешен доенички стаж. И да бидат опуштени за вистински да уживаат во мајчинството.