Законот за работните односи, Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и Законот за еднакви можности на мажите и жените ја моделираат правната рамка за заштита од дискриминација на бремени жени и мајки како кандидатки за вработување и работнички.
Бремените жени работнички и мајки работнички имаат право да бидат заштитени од сите облици на дискриминација, без оглед на времетраењето и видот на работниот однос што го имаат засновано.
Забраната на дискриминација се однесува на разните фази од вработувањето почнувајќи од пристапот до вработување, условите за работа и сите права од работен однос, па се до откажувањето на договорот за вработување. Оваа забрана е од генерална природа, односно таа се однесува на сите облици на дискриминација, вклучувајќи директна и индиректна дискриминација, (полово) вознемирување и психичко вознемирување.
Директна и индиректна дискриминација
Под директна дискриминација кон бремени жени или мајки би се подразбирало одредено постапување од (можниот) работодавачот*, со кое кандидатката за вработување или работничката поради бременост, раѓање и родителство била ставена, се става или би можела да биде ставена во понеповолна положба од други лица во споредбени случаи. Од друга страна, индиректна дискриминација, која во пракса потешко се докажува од директната дискриминација, постои кога определена навидум неутрална одредба, критериум или пракса, ја става или би ја ставила во понеповолна положба кандидатка за вработување или работничката поради бременост, раѓање и родителство во однос на другите лица.
Вознемирување и полово вознемирување
Под вознемирување се подразбира секое несакано однесување кон кандидатката за вработување или работничката, која е бремена жена или мајка, при што ова однесување има за цел или пак само по себе претставува повреда на нејзиното достоинството. За да се дефинира како облик на дискриминација, вознемирувањето на работодавачот треба за предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување кон бремената жена или мајка.
Сексуално или полово вознемирување е секое несакано однесување од полов карактер, изразено физички, вербално или на друг начин, а кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатката за вработување или на работничката, која е бремена жена или мајка, и создава непријателска, заканувачка или деградирачка средина.
Психичко вознемирување
Психичко вознемирување (мобинг) спрема работничката е забрането со закон и е издигнато на ранг на облик на дискриминација. Мобинг е секое негативно однесување на поединец или група, кое се повторува најмалку во период од шест месеци и го повредува достоинството, угледот, интегритетот и честа на работничките бремени жени или мајки. Мобингот создава непријателска, понижувачка и деградирачка атмосфера, чија крајна цел може да биде престанок на работниот однос или напуштање на работното место.
Надомест на штета
Ако кандидатката за вработување или работничка која е бремена жена или пак мајка смета дека врз неа е извршена дискриминација од било кој облик, таа има право да поведе судска постапка и да бара надомест на штета согласно Законот за облигационите односи. Во таков спор, работодавачот има обврска, односно товар, да докаже дека при спроведувањето на изборот за вработување, засновањето или реализирањето на договорот за вработување не извршил дискриминација врз кандидатката за вработување или работничка која е бремена жена или пак мајка.
* Во текстовите употребените изрази „работодавач“ и „работник“ во машки род имаат неутрално значење и се однесуваат и за жени и за мажи.
Адвокат м-р Ана Дангова Хуг од
Адвокатско друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје