Предвременото породување може да се случи од многу причини. Мал процент на предвремени продувања се предизвикани од здравствени проблеми на мајката, како висок притисок, дијабетес, хронични бубрежни и срцеви заболувања.
Компликациите до кои доаѓа во текот на бременоста може да доведат до предвремено породување. Пример за тоа се аномалии на матката, слабо грло на матката, дифункционална плацента или висок крвен притисок поврзан со дисфункција на бубрезите и црниот дроб до кои доаѓа во текот на бременоста (HELLP синдром).
Уште еден фактор за ризик за предврмено раѓање се повеќекратните бремености. Близнаците, а особено тројките и четворките се раѓаат скоро секогаш порано, затоа што мајката не може да поднесе ваква тешка бременост до крај. Психолошки и психосоцијални стресови, како страв, караница со партнерот, психички заболувања, стрес на работното место, заканувачка невработеност, финансиски проблеми, итн., исто така се сметаат за можни причини за предврмено породување, односно фактори за ризик кои може да доведат до тоа. Во некои случаи, бебето не се развива нормално во матката, најчесто заради недоволна циркулација на крв низ плацентата. Доколку докторите сметаат дека бебето ќе биде побезбедно надвор од матката, ќе предложат царски рез.
Нездравиот стил на живот, односно користење наркотици, пушење - дури и пасивно, или конзумација на алкохол во текот на бременоста, исто така значително го зголемуваат ризикот од предвремено породување. Меѓутоа, дури и денес, за една третина од предвремените породувања причините се непознати.
Следува краток приказ на можните фактори за ризик кои доведуваат до предвремено породување.
1. Фактори за ризик кои се однесуват на мајката:
- еден или повеќе претходни спонтани абортуси или предвремени породувања
- претходно раѓање на четири или повеќе деца
- високо ниво на стрес (во врска со приватниот или професионалниот живот, психолошки или емотивни, како и психосоматски проблеми, неадекватни социјални и финансиски услови)
- возраст под 18 или над 34 години
- претходно лечење од стерилитет
- краток период помеѓу две бремености (пократок од една година)
- инфекции (најчесто вагинални и уринарни инфекции, но и сите други)
- пушење, конзумирање алкохол и употреба на наркотици
- сериозно заболување кај мајката, кога продолжувањето на бременоста би го загрозило нејзиното здравје и живот.
2. Фактори кои се однесуваат на матката:
- абнормалности на матката или грлото на матката (на пр. голем миом или поголем број на миоми)
- вагинално крварење
- премногу амнионска течност
- два или повеќе абортуси
3. Фактори кои се однесуваат на фетусот:
- сериозна инсуфициенција на плацентата или сериозно заболување на плодот
- страдање на фетусот (на пр. хроничен недостаток на кислород)
- повеќекратна бременост (близначка бременост, тројка итн)
На некои причини, односно фактори за ризик, лесно може да се делува, на некои пак е тешко или невозможно да се контролираат. Сепак, во сите наведени случаи, неопходно е посебно внимание и грижа.