Нега насочена кон семејството (Family-centered Care) e концепт на организација на неонаталната интензивна нега која е насочена кон семејството како целина. Притоа семејството активно учествува во негата на своето предвремено родено бебе, со што му помага на персоналот, истовремено родителите стекнуваат вештини за тоа како да се грижат за своето бебе по напуштањето на болницата и одењето дома. Значаен дел од концептот за нега насочена кон семејството е практикувањето на контактот кожа-на-кожа (кенгурирање).

Овој пристап има огромен бенефит за бебето, за семејството, но и за персоналот и болницата во која се практикува ваков тип на нега. Подолу прочитајте неколку пораки од родителите, кои имаат потреба да бидат со своето бебе и да учествуваат во неговата нега.


Sliki net6

 

Имам потреба да бидам присутна. Ве молам, не ми кажувајте да одам дома и да се одморам. Кога велам дека имам потреба да бидам тука, навистина имам потреба да бидам тука. Моето срце спие во тој инкубатор, рацете ми се празни, а мојот ум може да биде мирен само ако сум покрај моето бебе.

 

Sliki net9 mala

 

Јас жалам. Ова не е она што го планирав и за кое сонував. Моите надежи за нормално и природно породување пропаднаа со раното пристигнување на бебето. Ве молам бидете трпеливи и љубезни додека се обидувам да сфатам што се случува, и додека жалам за тоа што немав нормална бременост и породување. Ова требаше да биде радосен момент. Ќе дојдеме до тоа, но ако не сме подготвени во моментов, ве молам разберете нè.

 

Sliki net14 mala

 

Се чувствувам изгубено. Никогаш не очекував да се најдам во ваква единица за интензивна нега и како родител, најтешко ми е да го гледам бебето вакво. Ова патешествие ми паѓа многу тешко. Ве молам, бидете тука кога ќе ве побарам. Може нема да знаете што да ми кажете и тоа е во ред. Но фактот дека ја имам вашата поддршка кога ќе ми биде потребна, ќе ги направи полесни и најтешките моменти.

 

Sliki net17 mala

 

Потребно ми е да бидам дел од тимот на моето бебе. Можеби не сум медицински работник, и ова е можеби првото прематурно бебе околу кое сум, но ова е моето бебе и јас имам потреба да бидам вклучена во грижата и одлучувањето на дневно ниво. Ве молам почитувајте го овој важен аспект и гледајте го моето бебе не само како Ваш пациент, но како дете кое е сакано преку сите граници.

 

Sliki net18 mala

 

Ќе научам. Можеби не разбирам целосно што се случува. Ако не разбирам, научете ме. Сакам да научам. МИ ТРЕБА да научам. Ве молам одвојте време да ми помогнете да го разберам она што морам да го знам за да можам најдобро да му помогнам на моето бебе, не само додека е под Ваша грижа во единицата за неонатална интензивна нега, но она што треба да го знам за да одговорам на потребите на моето бебе кога ќе бидеме отпуштени од болница.

 

Sliki net10 mala

 

Дозволете ми да бидам родител. Знам дека можеби ќе ми треба повеќе време да направам некои мали нешта како менување пелена или мерење температува, но ако ми дозволите да ги извршам овие задачи за моето бебе, јас ќе се чувствувам повеќе поврзано и удобно. Можноста да учествувам и да бидам присутна во овие моменти ќе ги создаде моите спомени, спомени кои ќе ги чувам цел живот. Ова може да се чини минимално за Вас, но е премногу важно за мене и моето бебе. Држењето на моето бебе на градите е важен дел од ова патување и важно за развојот на моето бебе. Ве молам помогнете ми и охрабрете ме да го имам ова важно време на поврзување со моето бебе кога е тоа можно.

 

Sliki net11 mala

 

Имам потреба да ви верувам. Ви го доверив Вам најскапоцениот подарок кој го имам. Знам дека и Вие сте само луѓе, но имам потреба да знам дека ќе сторите се што е во Ваша моќ за моето бебе да се чувствува добро, да расте и да успее. Ве молам третирајте го моето бебе како да е ваше и знајте дека ќе бидам вечно благодарна за љубовта и грижата која сте ја покажале.

 

Sliki net15 mala

 

Имам надеж. Не сакам вистински да слушам за статистики. Ме плашат. Тие го кинат конецот кој ги поврзува моите надежи со моите соништа. Разбирам дека треба да знам кога нештата се лоши но Ве молам запомнете, исто така треба да знам и кога нештата се добри. Ве молам не ми ги соопштувајте само лошите нешта, но помогнете ми да го стоплам срцето со убавите вести исто така.

 

Sliki net19 mala

 

Ви благодарам. За секој момент од се што правите. За секој аспект од она што го давате. За секој Ваш ден посветен на моето дете. Единицата за неонатална интензивна нега е тешка и ниеден родител не сака да биде заглавен зад нејзините врати, но јас сум среќна/среќен што постои, што сте тука, и што работите напорно секој ден не само за да преживее моето дете, туку за да напредува.