Се повеќе се знае дека психомоторниот развој преставува динамичка интеракција помеѓу детето и околината. Колку повеќе се знае за факторите кои учествуваат во ова, толку повеќе може да се надеваме на подобрување на психомоторниот развој. Затоа во последните 20 години во фокусот на вниманието е процесот на раната интервенција, како и систематски-еколошкиот приод, кој ги анализира случувањата кај детето, семејството и околината.
Интервју со Д-р Валентина Дуковска - дефектолог при ЈЗУ Универзитетска Клиника за детски болести
Д-р Валентина Дуковска - дефектолог при ЈЗУ Универзитетска Клиника за детски болести, истакнува - Секое новородено има потенцијал да развие свој модел на психомоторен развој. Но, за да можеме да постигнеме оптимум во развојот кај секое дете, особено ако нормалниот развој е засегнат од гестациската возраст, родилната тежина, здравствени проблеми, влијание на фактори на средината и друго, мора да развиеме индивидуален развоен план. Се повеќе се знае дека психомоторниот развој преставува динамичка интеракција помеѓу детето и околината. Колку повеќе се знае за факторите кои учествуваат во ова, толку повеќе може да се надеваме на подобрување на психомоторниот развој. Затоа во последните 20 години во фокусот на вниманието е процесот на раната интервенција, како и систематски-еколошкиот приод, кој ги анализира случувањата кај детето, семејството и околината. Раната интервенција се повеќе добива проактивен и развоен карактер.
Кој период од животот на детето го опфаќа раната интервенција?
Раната интервенција нуди насоки базирани на докази за трансдисциплинарно, развојно поткрепена грижа за новороденото и малото дете почнувајќи од раѓањето, преку Единицата за интензивна нега и терапија, отпуштањето од болница, прилагодувањето дома и времето по излегување од болница. Раната интервенција го опфаќа раниот развоен период и пред се се однесува на децата со фактор на ризик за можна појава на пречки во психомоторниот развој.
Што преставува развојна грижа за новородено и мало дете?
Развојната грижа е програма која во грижата на новороденото и малото дете се базира на концептот на динамичка интеракција меѓу новороденото, семејството и околината. Програмата има холистички пристап и ги почитува индивидуалните потреби на новороденото и семејството. Приоритет на развојните програми е оптимален невроразвоен исход кај високоризичните новородени и со тоа превенција на можните пречки во психомоторниот развој. Голем процент на новородени и мали деца кои се предмет на раната интервенција се предвремено родените деца, термински деца со страдање во моментот на породувањето и потоа други состојби кои се дел од Националната листа на деца со фактор на ризик во Р. Македонија.
Развојната програма се спроведува преку неколку сегменти со посебно разработени и стандардизирани програми – промена на околината; контрола на светлината; контрола на звукот; менаџмент на болката; контрола на процедурите на кои е изложено новороденото; програма насочена кон родителите, early holding, skin-to-skin, kangaroo; рана интервенција со рана сензомоторна стимулација; континуирана едукација на сите членови на тимот во духот на развојната програма.
Во што се состои развојната грижа по излегувањето од болница?
Развојната грижа продолжува преку развојното следење, развојна дијагностика, педијатриски прегледи, невролошки прегледи, сензомоторна стимулација, програми за рана интервенција и третман, трае до 3-та година од животот, односно до периодот пред вклучување во училиште. Развојната проценка е насочена кон процесот и мора да биде континуирано разгледувана. Резултатите од развојната дијагностика во одреден момент ќе го затворат процесот на развојно следење или ќе побараат да се започне со една нова фаза на проценка на потребите на детето и семејството, ако станува збот за одстапувања во психомоторниот развој.
Кои се ефектите од развојната програма?
Почитувањето на принципите на развојната програма има краткорочни и долгорочни ефекти. Доведува до побрз пораст на телесната тежина, скратување на престојот во болница, како и ефекти врз психомоторниот развој, и тоа како врз моторниот, така и во социјално-емоционалниот и когнитивниот развој.
Што значи развојната грижа за родителите?
Дел од развојната грижа се и програмите за грижа за менталното здравје, чија цел е препознавање на стресот кај новороденото и кај семејството, негово намалување или елиминирање со цел подобар развоен исход. Позитивната социјално-емоционална интеракција помеѓу новороденото/малото дете и родителот е во оснавата на психомоторниот развој. Често пати стравот и депресијата на родителот не е соодветна / или е пренагласена во однос на здравствената состојба на детето, и тоа зависи од:
- фактори во рамки на семејството;
- пренатално и перинатално искуство;
- оптоварување со развојниот исход кај детето;
- губење на родителската улога.
Почитувајќи го ова, членовите на трансдисциплинарниот тим се повеќе ја почитуваат одлуката за активна соработка со родителите во процесот на раната интервенција. Промовирањето на допирот е исклучително важен елемент во комуникацијата родител/дете и помага во справувањето со негативните емоционални реакции. Раната сензомоторна стимулација, меѓу кои и тактилно-кинестетичката стимулација го штити мозокот од активна инхибиција и овозможува користење на други патишта за развој на мозокот во услови на прекумерна стимулација. Ефектите кај предвремено родените деца и кај другите високоризични деца се во сите области од психомоторниот развој и допринесува за намалување на бројот на деца со невроразвојни одстапувања.