Најчестите прашања поврзани со доењето..
Комерцијално произведените млека, исто така наречени и формула или артефицијално млеко, не можат да соодветствуваат со мајчиното млеко дури и кога станува збор за најсофистицираните производи.
Ниедно вештачко млеко не содржи антиинфективни фактори. И тогаш, кога производителите се трудат да го копираат хуманото млеко, тоа никогаш не е соодветно за секое дете, бидејќи мајчиното млеко се менува во зависност од индивидуалните потреби на детето.
Колострумот, првото млеко, доведува до пасивна имунизација на детето бидејќи обезбедува супер-доза на антитела и витамини. Преминот од колострум кон т.н. зрело млеко настанува постепено, следејќи ги потребите на новороденчето.
Млекото, исто така, трпи промени во составот и во текот на самиот подој. Во почетокот на подојот се лачи млеко кое има поголема концентрација на шеќери и вода, со цел бебето да ја засити првата глад. Во последното млеко се зголемува концентрацијата на масти, што пак обезбедува повеќе калории и подолготрајна ситост и смиреност на бебето. Поради ова, на мајките треба да им се објасни дека еден подој треба секогаш да биде реализиран од една града, а следниот од другата.