Течење на млеко меѓу подоите
Во тек на првите недели од почетокот на доењето постои можност меѓу подоите да забележите дека ви истекува одредена количина на млеко.
Помош:
Корисни може да бидат влошките за впивање на млекото, кои се носат на внатрешната страна на градникот. Важно е влошките да ги менувате често, бидејќи во спротивно може да доведат до инфекција на дојките.
Превенција:
Не постои! Оваа појава е нормална и покажува добра млечност на градите. Течењето секогаш се намалува кога ќе дојде до синхронизирање (изедначување) на создавањето на млеко со потребите на детето.
Воспалени или оштетени брадавки (рагади)
Оваа состојба најчесто е последица на неправилно држење на брадавката во устата на бебето поради лошата поставеност на градата. Кожата на брадавката се зацрвенува, а доењето може да биде болно за мајката. Болката е особено интензивна на почетокот на доењето.
Третман
Промена на положбата за доење и правилно позиционирање (побарајте стручна помош !). Искористете го престојот во породилиштето за да ја совладате вештината на правилно поставување на детето на града. Доколку има воспаление, брадавките почнуваат да заздравуваат веќе после 24 часа, доколку поставеноста се корегира.
Запомнете!
- Кога детето правилно цица, не се чувствува болка.
- Доколку чувствувате болка, не дозволувајте цицањето да продолжи. Кога детето е неправилно поставено, најдобро е со прстот покрај брадавката да го оттргнете од градата и да се обидете повторно адекватно да го поставите.
- 90% од проблемите настануваат како резултат на лошата поставеност !
- не дозволувајте детето да цица повеќе од 2-3 минути откако ја испразнило дојката.
- сушете ги брадавките после доење (може да користите и фен за таа намена, но наместето го на ладно).
- овозможете доволна циркулација на воздух околу брадавките во тек на неколку часа секој ден.
- доколку брадавките се изразито воспалени и болни, користете штитник за доење извесен период.
- користење на креми не се препорачува, бидејќи се покажало дека и премачкувањето на брадавката со малку измолзено млеко може да биде доволно. Во одредени случаи нема да штети ставање на маслен раствор, капки АД или ланолин (и слични природни препарати), кој може да ги олесни тегобите на мајката.
Затнување и непроодност на каналите
Тврдо, болно и црвено чворче на некој дел од градата значи дека некој од млечните канали е непрооден.
Лекување:
Ставајте топли облоги и масирајте ја регијата на дојката каде има стврднување. Потоа ставете го детето на таа дојка за да цица. На момент може да почувствувате силна болка, но после овој третман каналот би требало да стане прооден. Ако ова не се случи и при повторување на постапката, би требало да се обратите на лекар за стручна медицинска помош.
Превенција:
Внимавајте градникот да не ви биде претесен и водете сметка да не ја притискате градата силно додека доите или кога го измолзувате млекото.
Маститис
Непроодниот канал во кој има заостанато млеко може дополнително да се инфицира и да се појават симптоми на воспаление, со зголемена температура, треска, локално да се појави болка, топлина и црвенило на градата. Во такви случаи итно треба да се побара медицинска помош и веднаш да се даде антибиотска терапија, за да се избегне настанувањето на апсцес. Доколку настане, апсцесот бара хируршки третман. При тоа, не се препорачува прекинување на доењето.
Текстот е објавен во рамките на Светската недела на доењето 2011