Знаците на глад кај бебето се појавуваат пред тоа да почне да плаче: бебето ја врти главата, ја отвора широко устата, го исплазува јазикот надвор.
Секоја мајка која има можност да го опсервира (набљудува) своето дете, може да ги препознае овие знаци и да му ја понуди градата за цицање уште пред тоа да заплаче.
Бебињата полесно учат да цицаат доколку не се вознемирени пред подојот.
Секое дете е родено со т.н. примитивни рефлекси, кои му овозможуваат добро да цица. Доколку го набљудуваме детето ќе го забележиме следното однесување:
- бебето ја врти главата на едната, а потоа и на другата страна во потрага по градата на мајката.
- допирот на брадавката го стимулира бебето да ја отвори устата широко и да опфати што поголем дел од брадавката и ареолата (темнообоениот дел околу брадавката). При тоа, јазикот на детето се наоѓа одоздола, брадата е блиску до градата, а долната усна е лесно завиткана кон надвор. Целта на ова позиционирање е врвот на брадавката да се постави на крајот на непцето со што ќе се стимулира цицањето.
- процесот на цицање е како бран. Јазикот и долната вилица на бебето ја притискаат ареолата и на тој начин од неа го истиснуваат депонираното млеко. Цицањето ги стимулира нервните завршетоци во ареолата, од каде се испраќаат импулси до мозокот на мајката. Овие импулси доведуваат до лачење на два хормони во крвта, хормони кои делуваат на лактацијата. Првиот хормон, пролактин, стимулира создавање на млеко во градите, а вториот, окситоцин, доведува до истиснување на млекото низ каналите. Детето не цица континуирано. во почетокот тоа цица брзо, неколку пати, за да почне млекото да тече. Потоа започнува длабоко и ритмично цицање со повремени паузи кои овозможуваат надоаѓање на млеко.
Практичен совет за мајките: секогаш дозволете му на детето само да го заврши подојот кога ќе биде задоволно и сито.
Прим. Д-р Марина Поп-Лазарова
Специјалист Педијатар