Цицањето е вроден инстинкт за бебињата, тоа е рефлекс кој им овозможува да цицаат мајчино млеко. Но тоа не е случај за мајките, кои учат да го дојат своето бебе, преку пракса и со тоа што ги гледаат другите.

Многу мајки одлучуваат да дојат бидејќи на некој начин дознале за важноста на доењето за здравјето на бебето и за влијанието на целиот живот. Но, за да функционира доењето, тоа мора да биде удобно и за вас и за вашето бебе. Вашата удобност додека доите пред сѐ зависи од тоа како вашата брадавка е поставена во устата на бебето, а тоа пак зависи од начинот како бебето ја прифаќа брадавката во устата. Ова поставување на вашата дојка и брадавка во устата на бебето се вика прифаќање на пупката или Latch-on.

За да разберете како прифаќањето на брадавката влијае на удобноста при доењето, треба да погледнеме во внатрешноста на устата на бебето (види го видеото подолу). Зад горниот гребен на гингивата на бебето се наоѓа тврдото непце. Ако брадавката навлезе само во предниот дел од устата, до тврдото непце, греденот на горната вилица на бебето ќе ја притиска брадавката. Ова се нарекува плитко прифаќање на брадавката, и тоа може да предизвика неудобност додека го доите вашето бебе. Ако вашето бебе повеќе пати цица со плитко прифаќање на брадавката, притисокот и триењето може да предизвикаат болка и оштетување на кожата на брадавката, во форма на рагади.   

Кон задниот дел на устата на бебето непцето преминува од тврдо во меко. Некои мајки овој дел од непцето го нарекуваат удобна зона. За да добиете подобра претстава каде се наоѓа овој дел, искористете го јазикот за да го најдете вашето меко непце. Кога бебето ќе ја прифати брадавката длабоко во неговата уста на тој начин што таа ќе стигне до удобната зона, нема да има притисок или триење додека се одвива доењето. Прифаќањето на брадавката во удобната зона е најзгодно за вас и најефективно за вашето бебе.

Кај повеќето мали бебиња, прифаќањето на брадавката оди полесно доколку мајката започне прво со активирање на инстинктот за исхрана кај своето бебе.  Исто како и другите цицачи и луѓето кога се раѓаат знаат како да дојдат до мајчината дојка и да се нахранат. За да го предизвикате тој инстинкт кај бебето, започнете со подој кога вашето бебе е смирено, подготвено и кога почнува да чувствува глад. Откопчајте ја кошулата и држете го бебето допрено кожа до кожа помеѓу вашите гради.  Релаксирајте се и уживајте во ова чувство на блискост со вашето бебе. Кога бебето ќе ја осети топлината на вашата кожа наспроти неговата, набрзо ќе почне да ја движи главата нагоре надолу по вашите гради. Постепено ќе се симне до вашата дојка. Како што бебето се движи кон дојката, зборувајте му, гледајте го во очињата, нежно милувајте го и охрабрувајте го. Може да му помогнете со тоа што едноставно ќе го навалите кон дојката додека му ги придржувате вратчето и колкчињата. Запаметете, ова се природни човечки инстинкти.

alt

Вашето бебе знае што треба да прави. Кога ќе дојде до дојката помогнете му да го постави телото така што неговото носе ќе биде наспроти пупката, а главата слободна за да се навали наназад. Држете го вашето бебе близу до вас, со неговото тело допрено до вашето, а неговата брада нежно да ја допира вашата дојка. Почекајте да ја најде брадавката со широко отворена уста. Како што ја прифаќа брадавката, нежно туркајте го од зад раменцата кон вас. Последното поттурнување ќе помогне брадавката да ја достигне удобната зона. Кога бебето добро ќе ја прифати брадавката, ќе почувствувате нежно повлекување на брадавката, но нема да почуствувате неудобност или болка.

Запаметете! Доењето треба да биде удобно и за вас и за вашето бебе. Не треба да биде болно. Ако доењето ви предизвикува болка, побарајте совет и помош од стручно лице, како на пример од патронажна сестра, или едноставно обратете ни се нам, ние ќе се погрижиме и ќе ви помогнеме. Колку поскоро побарате помош, толку поскоро вие и вашето бебе ќе почнете да уживате и ќе се опуштите за време на доењето, затоа што така  и треба да биде и за двајцата.