Во изминатиот период објавивме повеќе текстови кои се однесуваат или произлегуваат од Извештајот за проценката на состојбата со доењето во Република Македонија (WBTi – World Breastfeeding Trends Initiative). Оваа релативно објективна и меѓународно стандардизирана проценка на состојбата е објавена на веб-страницата на WBTi (http://worldbreastfeedingtrends.org/) и се однесува на 2017 година, во кој период е извршена проценката и добиен резултатот.

Проценката е изработена од организацијата Early Child Development Consulting & Research – Macedonia (ECD-COR), а во процесот се вклучени повеќе релевантни институции од Македонија и странство. WBTi Извештајот за проценка на состојбата со доењето во Македонија беше презентиран на Панел-дискусијата која се одржа во Министерството за здравство на 31.07.2017 година по повод Светската недела на доењето 2017.

 

Sliki net52

 

Севкупната оцена која ја доби Македонија според оваа стандардизирана процена е 68,5/150 или 45,6%. Во однос на политиките и програмите во државата кои се однесуваат на доењето, неговата заштита, поддршка и промоција, се евалуираат 10 индикатори и за секој од овие индикатори се добива оцена соодветно на состојбата со доењето во државата. Секој индикатор има оцена од 1 до 10, и соодветно на тоа, индикаторот, односно оцената е означена со соодветна боја (зелена, сина, жолта или црвена боја). Постојат 5 дополнителни индиктори за практиките на мајките кои дојат, кои исто така имаат соодветна оценка и боја на индикаторот, зависно од оцената.

 

WBTi Report Card 2017

 

Извештајот во PDF формат може да го погледнете на http://worldbreastfeedingtrends.org/ или на следниот линк: Macedonia Report card 2017 и  Assessment report Macedonia.

 

 

Индикатори кои се однесуваат на политиките и програмите во државата

 

За првите 10 индикатори кои се однесуваат на политиките и програмите во државата кои се однесуваат на доењето, неговата заштита, поддршка и промоција, оценката, краткото објаснување и линк до текстот на заклучокот се следни:

1. За индикаторот Национални политики, програми и координација оценката е 6 од 10 (жолта боја). Овој индикатор се однесува на националните политики за доењето, плановите за активности кои треба да се спроведат, нивното финансирање и координирање.

2. За индикаторот Спроведување на иницијативата Болница Пријателка на бебињата (BFHI), оценката е 1 (единица). Овој индикатор е со црвена боја, а се однесува на процентот на BFHI болници во државата, обуките на персоналот кој работи во болниците за поддршка на доењето, контрола на спроведувањето на десетте принципи на BFHI, постоењето на национален систем за проценка и одржување на стандардот на BFHI.

 

Sliki net57

 

3. За индикаторот Имплементација на Меѓународниот Код за рекламирање на замена за мајчино млеко, оценката е 6 (жолта). Овој индикатор се однесува на имплементацијата на Кодот во националната легислатива (во законите), контрола на спроведувањето на овие мерки и како Кодот се промовира и почитува.

4. За индикаторот Заштита на мајчинството, оценката е 6 (жолта). Овој индикатор се однесува на должината на породилното отсуство, паузите за доење во тек на работното време, законските мерки за поттикнување на фирмите да го прилагодат работното место кон потребите за доење и за грижа за доенчиња и мали деца, како и ратификација на Европската легислатива за труд (ILO MPC No 183).

 

Sliki net54

 

5. За индикаторот Систем за поддршка на здравјето и исхраната, оценката е 6,5 (жолта). Овој индикатор се однесува на медицинските школи и програмите за едукација на здравствените професионалци во тек на студиите, постоењето на стандарди и упатства за породување прилагодено кон потребите на мајката и програми за стручно усовршување на персоналот кој веќе работи во здравствените установи.

6. За индикаторот Поддршка на мајките – поддршка на трудниците и мајките кои дојат на локално ниво во заедницата, оценката е 5 (жолта). Овој индикатор се однесува на достапноста на сервис во локалната заедница за стручно советување на мајките, за исхрана на доенче и мало дете и достапноста на оваа поддршка за сите жени (во тек на бременоста и после породувањето).

 

Sliki net53

 

7. За индикаторот Поддршка на информирањето, оценката е 6,5 (жолта). Овој индикатор се однесува на националната стратегија за информирање, едукација и комуникација, со цел подобрување на исхраната на доенче и мало дете имплементирана на локално ниво.

8. За индикаторот Исхрана на доенче и мало дете и ХИВ, оценката е 1 (црвена). Овој индикатор се однесува на политиките и програмите кои се однесуваат на доењето и ХИВ инфекцијата и тековниот мониторинг на мерките и исходот кај мајките и бебињата со ХИВ.

 

Sliki net56

 

9. За индикаторот Исхрана на доенче и мало дете во кризни состојби, оценката е 7,5 (сина боја). Овој индикатор се однесува на политиките и програмите за исхраната на доенче и мало дете во состојба на катастрофа и интегрираноста на материјали на оваа тема во курикулумите на студиска обука и обука на вработените во здравствените установи, во рамки на кризниот менаџмент.

10. За индикаторот Механизам на контрола и систем за евалуација, оценката е 5 (жолта). Овој индикатор се однесува на контролата, системот за управување со информации како дел од процесот на менаџирање и планирање.

 

Индикатори за практиките во врска со доењето

 

За втората група од 5 индикатори кои се однесуваат на практиките во врска со доењето во државата, оцените и краткото објаснување се следни:

11. За индикаторот Рано започнување на доењето, утврден е процент од 21 %, а нашата оценка е 3 од 10 (црвено).

12. За индикаторот Ексклузивно доење во првите 6 месеци, утврден е процент од 23 %, а нашата оценка е 6 од 10 (жолто).

13. За индикаторот Средна должина на траење на доењето, утврдена е должина од 12,1 %, а оценката е 3 од 10 (црвено).

14. За индикаторот Хранење со шише, утврден е поразителен процент од 79 %, а нашата оценка е 3 од 10 (црвено).

15. За индикаторот Комплементарна исхрана, утврден е процент од 28 %, а нашата оценка е 3 од 10 (црвено).

Од сите овие оценки за 15 индикатори, се добива вкупниот WBTi скор за Македонија, кој изнесува 68,5/150 или 45,6%. Освен еден индикатор кој има сина боја, сите други се означени со жолта или црвена. За жал, ниеден индикатор не е обележан со посакуваната зелена боја.

 

Sliki net55

 

 

Слабости и препораки за нивно надминување

 

Извештајот ги содржи клучните недостатоци, како и главните препораки за тоа како да се подобри овој резултат. Клучните недостатоци се:

  1. Не постои сеопфатен пишан документ како препорака за исхрана на доенчиња и мали деца.
  2. Недостасува стратегија за унапредување на имплементацијата и продолжување на Иницијативата Болница пријателка на бебињата (BFHI), а недостасуваат и активности за евалуација на имплементацијата.
  3. Македонија нема соодветна легислатива која се однесува на Кодот, а одредбите во законите кои се однесуваат на Кодот не се доволно видливи за соодветна контрола и мониторинг.
  4. Здравствениот систем за статистика не вклучува мониторирање на практиките за исхрана на доенче и мало дете, а единствените релевантни информации кои се достапни се оние на УНИЦЕФ.

Главни препораки за подобрување на состојбата со доењето во Македонија се следните:

  1. Политиките за исхрана на доенчиња и мали деца треба да бидат интегрирани во една севкупна стратегија според препораките на Светската здравствена организација (СЗО), со цел подобрување на имплементацијата на овие политики.
  2. Реевалуација на сите болници каде е доделен статус „Пријателка на бебињата“ и идентификација на слабостите и позитивните моменти во пружањето на соодветна поддршка на доењето.
  3. Подобрување на законската рамка преку Законот за безбедност на храна, обезбедување на поголема видливост на некои одредби за полесна контрола и мониторирање на почитувањето на Кодот и последователно кршење на резолуцијата на СЗО.
  4. Воспоставување на стандардизиран систем на мониторирање на практиките за исхрана на доенче и мало дете, базиран на дефинициите на Светската здравствена организација (СЗО).

 

     ____________________________________________________________

 

* Една од трите главни програмски насоки на Организацијата Лулка е промоција, заштита и поддршка на доењето. Лулка го промовира доењето во Македонија од 2011 година, преку едукација на трудници и доилки, соработка со WABA и одбележување на Светската недела на доењето секоја година.