Под вршење на родителско право се подразбира превземање на дејствија со кои се исполнува содржината на правата и должностите на родителите кон нивните малолетни деца, и на децата над кои им е продолжено родителското право.

Родителското право родителите го вршат заеднички и спогодбено, дури и кога од извесни причини детето се наоѓа на чување и воспитување кај еден од нив. Во случај на несогласување на родителите во однос на вршењето на родителското право решава центарот за социјална работа. 

Во одредени ситуации кои што наметнуваат потреба да трети лица се вклучат во чувањето и воспитувањето на детето, на пример поради ментална заостанатост на детето, тогаш родителите можат да го доверат тоа дете на трето лице или пак да го сместат во соодветна на установа. Во овој случај не е потребно одобрение од центарот за социјална работа, но овој орган продолжува со правото на надзор што се врши во согласност со Законот за семејство.

Ако родителите или родителот кој сам го врши родителското право од оправдани причини подолго време отсуствуваат од местото на живеење, на пример поради привремена работа во странство и со себе не ги водат децата, децата можат да ги доверат на чување и воспитание на друго лице, доколку центарот за социјална работа таквото сместување претходно го одобри. 

Поради разни причини родителите на детето може да не живеат заедно, на пример еден од родителите работи во странство или пак започната е бракоразводна парница. Во тие ситуации родителите се спогодуваат кај кого од нив детето ќе остане на чување и воспитание, а ако за тоа не можат да се спогодат или ако нивната спогодба не одговара на интересите на детето, решение за тоа ќе донесе центарот за социјална работа.  Центарот за социјална работа по службена должност или на барање на еден од родителите носи ново решение за доверување на детето на чување и воспитание ако тоа го бараат изменетите околности. 

Исто така, во случаи кога родителите не живеат заедно, било да се во брак а живеат одвоено, било да се разведени, или пак живеат вонбрачно а имаат деца родени надвор од брак, тогаш тие спогодбено одлучуваат за начинот на одржување на личните односи и непосредни контакти со детето. Доколку родителите на детето не постигнат согласност во рок од најмногу два месеца, тогаш  центарот за социјална работа интервенира и донесува решение за начинот на одржување на личните односи и непосредни контакти со детето. При донесување на ова решение, центарот за социјална работа го информира детето и ги зема во предвид неговите ставови и мислења во зависност од возраста и степен на развиток на детето и го известува за можните последици од одлуките. Ова решение се донесува во форма на управен акт, против кое е дозволена жалба до Министерството за труд и социјална политика, по што незадоволниот родител може да поведе и управен спор пред Управен суд на Република Македонија.

Одржувањето на личните односи на децата со родителите може со решение на центарот за социјална работа да се ограничи или привремено забрани само заради заштита на здравјето и на другите интереси на детето. Вакво решение центарот за социјална работа носи во однос на родителот кај кого детето не живее, а центарот оценил дека однесувањето на овој родител е штето врз детето, поради тоа што, на пример, родителот воспитно лошо делува врз детето, ја злоупотребува или може да ја злоупотреби личноста на детето за разни цели и друго. 

Центарот за социјална работа исто така е овластен да донесе решение за начинот на одржување на непосредните контакти на детето со блиските роднини на родителот кој е умрен, на кого му е одземено родителското право или од други причини е спречен да го врши родителското право.

Наспроти овластувањата на центарот за социјална работа да го уредува начинот на одржување на личните односи со детето на родителот кај кој детето не живее, судот е надлежниот државен орган што одлучува во однос на доверувањето на децата на чување, воспитување и издршка во бракоразводни спорови, во спорови за поништување на бракот и споровите за утврдување или оспорување на татковството или мајчинството на еден од родителите, во случај кога е тоа потребно и можно.

Така, со пресудата со која се разведува бракот судот ќе одлучи за чувањето, воспитанието и издржувањето на заедничките деца. При ова одлучување судот ја почитува спогодбата на родителите  за начинот на кој ќе се чуваат, воспитуваат и издржуваат нивните заедничките деца, а ако таква спогодба не постои или истата не одговара на интересите на децата, тогаш откако Судот ќе прибави мислење од центарот за социјална работа и ќе ги испита сите околности, ќе одлучи дали децата ќе останат на чување и воспитание кај еден родител или некои ќе останат кај мајката, а некои кај таткото или сите ќе бидат доверени на некое трето лице или установа. 

Родителот на кого не му се доверени децата и понатаму го врши родителското право, на пример преку учество во издржување на детето, спогодбено со другиот родител одлучува за прашања што влијаат на животот на детето, има право да бара измена на одлуката за доверување на детето, и има право да одржува лични односи и непосредни контакти со детето ако судот не определи поинаку со оглед на интересите на децата,  

Судот, по барање на еден од разведените брачни другари или центарот за социјална работа, ќе ја измени одлуката за чување и воспитание на децата и за односите на разведените брачни другари спрема нивните заеднички деца, доколку тоа го бараат изменетите околности. 

 

Адвокат м-р Ана Дангова Хуг од

Адвокатско друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје