Опкружени сме со едно цивилно општество кое секојдневно пропагира родова еднaквост и едукативен модернизам, општество кое се краси со епитети на прогресивна медицина, технолошки развој и индустриски подем.
Но оваа навидум апстрактна реалност избледува целосно кога ќе подзастанеме да го согледаме статусот на модерната жена во 21-от век. Факт е дека еманципацијата на жената како еднаква родова единка достигнала драстичен историски прогрес во однос на ерата кога на жената не и било дозволено да излезе од својот дом и да зазема исти работни позиции како и мажот, но време е да поминеме преку овој факт и да се запрашаме дали статусот на денешната жена се подобрува со истата драстична брзина во која и нашето општество се движи? Дали успесите во медицината и прогресот во инжинерската технологија се паралелни со прогресот на правата на жената? Време е да се запрашаме, ако нашето прогресивно цивилно општество се темели на човекова еднаквост и се залага за сеопфатна едукација, зошто жената на 21-от век сеуште се соочува со дискриминација, терор и нееднаква платеност на работното место?
Според неодамнешно истражување на Инстутот за човекови права при Northwestern University во Чикаго, 95% од жените кои аплицирале за работни места во компании од различни сфери се изјасниле дека на интервјуто биле дискриминари и при тоа најстрого елиминирани поради фактот дека имале во план да основаат семејство во наредните 2-3 години. Во истата студија 5 жени посведочиле дека откако останале бремени веднаш по завршувањето на универзитетот не се ни осмелиле да побараат работа бидејќи тоа за нив претставувало безполезно губење на време. Однапред биле свесни дека ќе бидат веднаш елиминирани на старт поради нивната состојба.
Овие факти се навистина загрижувачки бидејќи жената како единка, а всушност и бремената жена по конкретно во денешното прогресивно општество се доживува како стабилна или нестабилна состојба. Квалитетот, личноста и квалификациите на жената како влијателна и интелегентна работна сила се мери во физички капацитет и притоа се снижува на ниво на емоционална нестабилност и физичка неадекватност. Професионалните вредности на бремената жена се изоставуваат во целост, нејзиниот идентитет станува претопен или сврзан со фактот на бременост кој ниту ја намалува нејзината интелектуална способност ниту ја прави помалку вреден кандидат за работа.
Зошто тогаш модерниот прогресивен работодавец е апатичен и дискриминирачки настроен кон бремената жена? Сите се спремни да го воздигнат идното поколение кое самата жена го придонесува за општеството, а од друга страна никој не е подготвен да даде никаков придонес за заштита на истиот тој двигател на денешното поколение!
Ова претставува цинична иронија на 21-от век, со оглед на тоа дека жената за својата бременост доживува катастрофален пораз и казна од работното место. Извесни студии покажуваат дека билионски интернационални компании им врачиле отказ на повеќе од 8% жени кои биле во 7-ми месец од бременоста или успешно ги наговориле самите да се повлечат од работните места со цел да ги заменат со поефикасен кадар.
Еден анонимен работодавец од странска влијателна адвокатска канцеларија ја опишал бремената жена како најнепосакуван и најнесоодветен кандидат за било каква работна позиција. Тој дури рекол дека психичката состојба на бремената жена претставува опасност и дистракција за другите вработени во канцеларијата, па затоа е најдобро таквите личности да останат дома и да не предизвикуваат хаотичност на работното место. Со еден збор, овој работодавец ја карактеризирал бремената жена како нефункционална и безполезна во било која фаза од својата бременост, од почетокот до крајот.
И сега, според овие анализи, се поставува прашањето зошто просечниот работодавец ја гледа бремената жена со комплекс на пониска вредност, небаре станува збор, не за бременост, туку за некаква болест? Како се доживува бременоста во сферата на вработувањето и како впрочем влијае сето тоа врз кариерата на една амбициозна жена која во исто време посакува да создаде и семејство?
* Текстот беше презентиран како вовед во Панел-дискусијата на тема вреботување на бремените жени, организирано од НВО Лулка и студентските организации ЕЛСА и ЕМСА. Автор на текстот е М-р Нела Ташковска - Дипломиран политиколог и Магистар по родови студии, која воедно беше и модератор на дебата под наслов „Вработување на бремени жени - право за (не)ползување“.