Сурфактант е супстанца која овозможува алевеолите (дишните патишта) да останат отворени. Терапијата со сурфактант се применува за да се спречи колабирање на алвеолите. За да се овозможи нормално дишење, на бебето му се помага со приклучување на механичка вентилација или со поддршка со кислород. За бебињата кои се родени без доволно сурфактант се вели дека имаат респираторен дистрес синдром (РДС).
Сурфактантот е супстанца која природно се создава во белите дробови и овозможува алвеолите да останат отворени и полни со воздух. Но кај прематурните бебиња, во зависност од гестациската недела во која се родени, процесот за создавање на оваа материја во алвеолите не е целосно завршен. Сурфктантот е пенеста и мрсна течност и без неа алвеолите се затвораат, колабираат, т.е. имаат потешкотија да останат отворени. Кога се раѓаат бебињата, со земањето на првиот здив тие ги шират белите дробови и ги полнат со воздух, при што алвеолите се отвараат и треба да останат отворени, за да се овозможи дишењето и обезбедување на доволно кислород во крвта на бебето. Тој процес на отварање и оддржување на алвеолите отворени го овозможува сурфактантот, и тој е клучниот дел од овој процес.
При недостаток на сурфктант кај предвремено роденото бебе, истиот се дава вештачки, впрскувајќи се во белите дробови, еднаш или повеќе пати, во зависност од потребите на бебето.
Материјата сурфактант кај нероденото бебе почнува да се создава во 24 недела од бременоста, а до 37 гестациска недела овој процес е целосно завршен. Доколку кај трудницата има ризик од предвремено породување, се даваат стероиди (за зреење на белите дробови), кои го забрзуваат процесот на создавање на сурфактант кај бебето.
Во случаите кога предвременото породување е неочекувано и настапува брзо, стероиди не се даваат на мајката, бидејќи истите нема време да делуваат. Потребно е да поминат барем 24 часа по давањето на стероидите, за истите да имаат ефект. Најголем дел од бебињата заздравуваат по РДС, додека кај некои бебиња постои ризик од појава хронична белодробна болест.
Извор: https://www.aboutkidshealth.ca/Article?contentid=1764&language=English&fbclid=IwAR1_xz37_kh0selrjX-8xZeRzR7APJycV1M5A4GNymtU1tQURVZTGt0pNY4…
Превод: Слободанка Туџарова - ФБ група „Предвремено родени деца“ - Група на мајки на предвремено родени деца