Респираторен дистрес синдром (РДС) е многу чест проблем кај предвремено родените бебиња и често бара дополнителна поддршка со кислород или потпомагање на дишењето со маханичка вентилација. Тежината на РДС зависи од повеќе фактори, меѓу кои:

  • гестациската недела во која е родено бебето и родилната тежина;
  • дали бебето има инфекција;
  • дали бебето има потреба од механичка вентилација;
  • дали бебето има срцева мана

РДС обично се влошува после 2-3 дена од раѓањето, а потоа се подобрува со помош на терапија.

 

79080285 1193557224166837 4053319924687306752 o

 

Што го предизвикува РДС?

РДС се случува кога во белите дробови нема доволно сурфактант. При немањето доволно сурфактант алвеолите колабираат со секој здив, а на бебето му е се потешко и потешко да дише самостојно. Како што колабираат алвеолите, оштетени клетки се насобираат низ дишните патишта, со што бебето се потешко дише и потешко ги отвора повторно колабираните алвеоли. Како што се влошува состојбата на белите дробови, така телото добива се помалку кислород, а се повеќе јаглерод диоксид се насобира во крвта, што понатаму може да ги оштети и другите органи во телото. Без третман, бебето целосно се истоштува обидувајќи се да дише. Во ваков случај, бебето се интубира и се поставува на механичка вентилација, на апарат за дишење (таканаречен респиратор или вентилатор) со што му се помага полесно да дише. Најголем ризик за појава РДС имаат бебињата кои се родени пред 28-ма гестациска недела. Колку порано се роди бебето, толку е поголем ризикот од појава на РДС и поголема е сериозноста на состојбата.

Други ризик фактори за појава на РДС:

  • Машко бебе, од бела раса;
  • Бебето е родено со царски рез, а кај мајката не било започнато природното породување;
  • Бебето не добило доволно кислород во тек на бременоста, раѓањето и по раѓањето;
  • Бебето не може само да оддржува нормална телесна температура;
  • Инфекција;
  • Бебето е од близначка бременост;
  • Мајката има дијабетес.

Како се дијагностицира РДС?

  • Според клиничката слика на бебето, бојата на кожата, начинот на дишење на бебето.
  • Според рентген слика на белите дробови
  • Според ацидобазни испитувања на крвта т.е гасни анализи, кои покажуваат колкаво е количеството на кислород, јаглерод диоксид и киселоста на крвта.

Третмани на РДС во зависност од сериозноста:

  • бебето се поставува на механичка вентилација;
  • бебето се поставува на си-пап неинвазивна вентилација (CPAP);
  • бебето се поддржува со кислород преку маска или носни продолжетоци;

 

Извор:https://www.urmc.rochester.edu/encyclopedia/content.aspx?ContentTypeID=90&ContentID=P02371&fbclid=IwAR1mB0jWYIL4tpNYHQTPvlni0ndm6v7mOug8h3BEX9MA5IYfGpGb-kxb9Sw

Превод: Слободанка Туџарова - ФБ група „Предвремено родени деца“ - Група на мајки на предвремено родени деца