Некротизирачки ентероколитис (NEC) е една од посериозните болести на дигестивниот систем (на цревниот систем) и една од почестите која се јавува кај предвреме родените бебиња. Болеста настанува поради повреда или воспаление на тенкото или дебелото црево.
Болеста може да доведе до изумирање на дел од цревното ткиво, а во некои случаи и перфорација (појава на отвор) на цревниот ѕид. За време на болеста, цревата не можат да ја задржат содржината во самото црево, бактериите кои се присутни во цревата може да преминат во крвотокот и да предизвикаат сериозна болест кај бебето. При перфорација на цревниот ѕид, содржината може да се излее во стомачната празнина и да предизвика животно загрозувачка состојба кај бебето. Оштетениот дел од цревото може да изумре и треба да се отстрани
Знаци и симптоми на нектротизирачки ентероколитис:
- Подуено, зацрвенето и осетливо на допир стомаче;
- Проблеми со хранењето;
- Храната подолго се задржува во желудникот;
- Констипација (отсуство на столица);
- Дијареа со темна боја или столица со траги од крв;
- Слабост и малаксаност;
- Ниска или нестабилна телесна температура;
- Повраќање на зелена (жолчна) содржина;
- Апнеа (паузи во дишењето);
- Низок крвен притисок (хипотензија);
- Забавен пулс (брадикардија);
Симптомите кои се јавуваат може да бидат различни од едно до друго бебе и може да бидат слични на симптомите кои се јавуваат и кај другите пореметувања на системот за варење.
Што може да предизвика NEC?
Не постои една определена и јасна причина поради која се појавува болеста. Во поголемиот број случаи не е најдена конкретна причина, но експертите наведуваат некои фактори кои може да играат улога во неговото настанување:
- Недоволно созреан цревен систем (прематуритет)
- Недостиг на кислород или намалено крвоснабдување на цревата во текот на породувањето или потоа
- Повреда на цревниот ѕид
- Преголем раст на бактерии во цревата кои го оштетуваат цревниот ѕид
- Вирусна или бактериска инфекција на цревата
- Хранење на бебињата со адаптирана млечна формула (бебињата кои се хранети со мајчино млеко имаат помали шанси да добијат NEC).
Кој може да добие NEC?
Повеќето случаи на NEC се јавуваат кај бебиња родени пред 32-рата недела од бременоста. NEC поретко може да се појави и кај болни термински бебиња, како кај оние со вродени срцеви мани. Оваа состојба најчесто се јавува во првите 2 до 4 недели по раѓањето.
Како се открива (дијагностицира) NEC?
Болеста може да се забележи на рентген снимка. Се јавува во форма на присутен воздух во ѕидот на цревата или појава на воздух надвор од цревата, во големите крвни садови или во стомачната празнина.
Како се третира NEC?
По поставувањето на дијагнозата, третманот започнува веднаш и вклучува:
- Привремено прекинување на хранењето на бебето;
- Поставување на цевче преку носот или устата до желудникот, за извлекување на воздухот или секретот од желудникот и цревата;
- Давање на инфузија за хранење преку вена и надополнување на загубата на течности кај бебето;
- Антибиотик за да се третира или превенира бактериска инфекција;
- Почести прегледи и рентген снимање на абдоменот;
- Консултација со детски хирург за утврдување на потребата од операција;
- Во тешки случаи, итно е потребен оперативен третман.
Доколку бебето добро реагира на лекувањето, по една до две недели може да се продолжи со нормална (ентерална) исхрана на бебето, пожелно е да се започне со мајчино млеко. Мајчиното млеко е најпогодно за бебињата кои имаат NEC бидејќи е лесно сварливо, го поттикнува растењето на добрите бактерии во цревниот систем и го зајакнува имунитетот на бебето.За случаите кога мајката нема доволно или воопшто мајчино млеко, се препорачува давање на пастеризирано мајчино млеко од банки за мајчино млеко, кое се смета за безбедна алтернатива на мајчиното млеко од мајката на бебето (MOM – Mother’s own milk). Во случаите кога бебето не реагира на третманот, се врши операција за вадење на оштетените и/или мртви делови од цревата. Во некои случаи може да биде потребна повеќе од една операција.
Извор: https://kidshealth.org/en/parents/nec.html?WT.ac=ctg#catdigestive
Превод: Слободанка Туџарова - ФБ група „Предвремено родени деца“ - Група на мајки на предвремено родени деца
Уредување: Д-р Денис Ал Кхалили, специјалист педијатар