Пред неколку години, Александра и Мики се соочија со најтешкиот предизвик во својот живот – од две предвремеродени бебиња, само едно преживеа. Тоа беше болка што секој родител тешко може да ја опише, но токму во таа болка нивната љубов стана посилна, нивната надеж посветла. По некое време, животот им донесе второ чудо – уште две предвремеродени бебиња. Патот повторно беше тежок, со стравови, ноќни будења и секојдневна борба, но денес тие три чуда растат како весели, радосни деца, исполнувајќи го домот на Александра и Мики со смеа, топлина и неизмерна љубов.
Што претставуваше предвременото породување за Вас како семејство?
За нас како семејство, предвременото породување беше голем предизвик, но и мотив да останеме сплотени и заедно да се избориме нашите дечиња да пораснат во вистински победници – да пораснат како здрави и среќни деца.
Како започна Вашата приказна поврзана со предвременото породување? Кажете ни нешто повеќе за Вашето искуство и за Вашите сега веќе потпораснати предвреме родени дечиња.
По подолг период на обиди за забременување и по инвитро постапка, конечно и ние станавме среќен пар кој со нетрпение ги очекуваше своите деца. Иако знаевме дека близначката бременост носи ризици, сепак не бевме подготвени на тоа што реално нè очекува по породувањето. Првиот голем стрес беше пукањето на водењакот и дилемата околу изборот на болница. Дополнителен товар беше и епидемијата на морбили поради која немаше посети во болницата. Поради тоа единствено преку телефон можевме да добиеме кратки информации за состојбата на нашите бебиња. За жал, по само шест дена, едното близначе ја загуби битката... тоа беше огромна тага. Со многу молитви и надеж, другото бебе го донесовме дома живо и здраво. Денес тој е големо момче, кое секој ден нè прави горди родители.
Со втората бременост бевме поподготвени. Иако стресот и грижата беа големи и неизбежни, бевме поорганизирани и повнимателни на секој детал. И покрај сите контроли и целото внимание, повторно следеше предвремено породување, но овојпат завршивме со најубав можен исход – ги донесовме дома двете бебиња, кои денес растат во супер активни и радосни деца.
Како се чувствувавте кога за првпат го видовте вашето бебе во инкубатор?
Чувството е нешто што тешко може да се опише со зборови. Тоа е мешавина од страв, грижа, возбуда, среќа и тага во исто време – среќни што го гледаме нашето бебе, со многу грижа за неговото напредување, тажни што не можеме да го гушнеме и секој ден со желба да го однесеме дома живо и здраво.
Се сеќавам, одејќи кон интензивната нега, со болки во стомакот по царскиот рез, моето срце чукаше сè побрзо и побрзо. Секој чекор ме носеше поблиску до првата средба со моите две бебиња – најдрагоцените суштества што ги посакував со целото мое битие. Моментот кога за првпат ги видов засекогаш ќе остане врежан во мене. Ги гледав преку стаклото – толку мали и толку кревки. Солзите сами течеа, не можев да ги сопрам. Имав силна потреба да ги земам во прегратка, да ги допрам, да ги почувствувам, да им го дадам сето она што со месеци го носев во себе – љубов, топлина, сила. Но можев само да стојам, да ги гледам и да се молам во тишина. Целото тело ми беше обземено од страв. Страв да не ги изгубам. А во мислите само една молитва: „Господе, чувај ми ги. Нека ми бидат живи и здрави и нека дојде денот кога сите заедно ќе си одиме дома.“
Каква беше разликата во вашето лично чувство меѓу првото и второто предвремено породување?
Разликата беше голема. Вториот пат ние бевме многу поспремни во секој поглед. Веќе знаевме што може да се случи, кои се ризиците и како да се справиме. Имавме подобра организација околу потребната опрема и грижата за бебињата, се обидувавме да избегнувавме непотребни паники кои беа неизбежни во првата бременост. И покрај ризиците, повторно се одлучивме за нова бременост затоа што не сакавме нашето прво дете да расте само.
Каков е вашиот впечаток – дали имаше разлика во останатите аспекти од престојот, лекувањето, негата и контактот со медицинскиот персонал?
Да, разликата беше очигледна. Од аспект на организација, опрема, посветеност и грижа – вториот престој на ОИНТ беше на многу повисоко ниво. Целиот тим беше поискусен, поорганизиран и попосветен. Посебна благодарност до д-р Денис, д-р Рената, д-р Марија и целиот персонал за нивната искрена грижа и човечност.
Како го доживувате Светскиот ден на предвременото породување 17 Ноември? Што значи овој ден за Вас?
Овој ден за нас е ден на нашите мали херои – кои се големи борци од првиот ден на нивното раѓање. Потсетник за нивната сила и на сплотеноста на сите нас, родителите и медицинските работници, во борбата за подобро утре за нашите деца.
Што би им порачале на останатите родители со предвреме родено бебе или дете?
Да бидат храбри, да не се плашат и да се борат заедно со своите деца. Овие деца не се обични – тие веќе еднаш ја добиле најголемата битка, а тоа е битката за живот. Тие се посебни, тие се единствени!



