Во пресрет на 17 Ноември – Светскиот ден на предвременото породување – разговараме со д-р Денис Ал Кхалили, претседател на Здружението за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца „Лулка“. Веќе 16 години оваа организација претставува значаен столб во поддршката на трудниците, родителите и семејствата кои се соочуваат со предвремено породување. Во ова интервју зборуваме за значењето на Светскиот ден на предвременото породување, за организацијата Лулка, за успесите, предизвиците и приоритетите во неонаталната нега во Македонија.
- Што значи да се биде дел од организацијата Лулка? Што претставува за Вас оваа организација?
Организацијата Лулка постои веќе 16 години, а самиот факт дека толку долго успешно опстојува за мене претставува голема гордост и успех. Во изминатите години реализиравме бројни активности, запознавме многу задоволни трудници, идни мајки и татковци, и поддржавме многу семејства – пренесувајќи важни информации, охрабрувачки зборови, совет или утеха кога било најпотребно.
Кога во 2009 година ја основавме Лулка, не знаевме точно во кој правец ќе се развива организацијата во следните 15 години. Знаевме само едно: дека постои огромен недостиг од достапни и веродостојни информации и од вистинска поддршка за трудниците – за одржување здрава бременост, правилна исхрана, прегледи, подготовка за породување, доење и сите аспекти на раното родителство, вклучително и предвременото породување. Навистина сум среќен што денес можеме да видиме колку се променила ситуацијата околу нас: колку активности и настани се организираат по повод 17 Ноември од различни организации, од родители, болници, професионални здруженија и компании. Убаво е да се види дека јавноста станува многу посвесна за значењето на поддршката во тек на бременоста и породувањето, како и за важноста на доењето.
Горди сме што учествувавме во оваа еволуција и што трудот на сите кои биле дел од Лулка во изминативе 16 години не бил залуден.
- Колку е значаен Светскиот ден на предвременото породување за организацијата Лулка? Како се одбележуваше 17 Ноември во изминатите години?
Лулка го одбележува 17 Ноември во Македонија уште од самиот почеток на глобалната иницијатива. На почеток скромно, а подоцна – сè посилно, посуштински и повпечатливо, токму онака како што заслужуваат сите бебиња и семејства кои се соочуваат со предвремено породување.За нас, 17 Ноември е особено важен ден: ден кога упатуваме апел за поквалитетна нега и лекување на предвреме родените бебиња, за подобра организација на системот, кога се среќаваме со семејствата, испраќаме порака за поддршка, храброст и истрајност до оние кои сè уште се борат во неонаталните оддели. Овој ден е и можност да ги резимираме резултатите и напредокот постигнат во претходните години.
Уште на почетокот на нашето делување се сретнавме со феноменот на предвременото породување. Најпрво 17. Ноември го одбележавме со само еден текст и соопштение до јавноста, подоцна организиравме скромен настан на плоштадот Македонија, каде луѓето застануваа и не прашуваа „А што е тоа предвремено породување?“, „Зарем тие бебиња преживуваат?“. Постепено ја сензибилизиравме јавноста, истовремено се поврзувавме со родителите на предвремено родени бебиња и деца преку неформалните групи на социјалните мрежи. Последните неколку години одбележувањето прерасна во вистински празник, со присуство на медиуми, учество на премиери и министри за здравство, активности за родителите и дечињата кои се предвремено родени, организирање на донации, групи за поддршка и едукативни активности во соработка со Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство, со која имаме одлична соработка.
- Колку е значаен фактот што оваа година и СЗО официјално го вклучи 17 Ноември во календарот на значајни датуми за јавното здравје? Зошто е тоа важно?
Тоа е исклучително важно. Приказната за светскиот ден на предвременото породување започна како иницијатива на неколку мајки и една организација, која денес е веќе глобална фондација и опфаќа мрежа на организации од целиот свет. Дел од оваа мрежа уште од 2012 година е и организацијата Лулка. Од една ваква скромна иницијатива, но со многу важна и значајна цел, со многу борба, љубов и посветеност денес сме свадоци на едно глобално движење и јасна порака испратена од Светската здравствена организација до секое ќоше на планетава, до сите влади, до сите медицински работници, до сите болници.
17. Ноември денес се одбележува во целиот свет. Светската здравствена организација конечно го препозна денот и проблемот на предвременото породување како важен јавно здравствен проблем кој бара сериозен пристап, електризирање на јавноста, мобилизирање на ресурси, бидејќи најголем дел од предвреме родените бебиња имаат потенцијал да преживеат, но и да имаат квалитетен и нормален живот, придонесувајќи за својето семејство, за својата држава и за целото општество. Условите за породување, транспорт, лекување и следење на развојот на овие мали бебиња сеуште не се стандардизирани, се разликуваат од држава до држава, од град до град, од болница до болница. Со нашата работа како дел од глобалната мрежа GFCNI успеавме да креираме стандарди кои веќе се имплементираат во многу европски држави. Со препознавањето на 17. Ноември од страна на СЗО полесно и побрзо ќе се мобилизираат здравствените власти, медицинските работници, пациентите и компаниите да го унапредат целокупниот систем на лекување, поддршка и следење на предвремено родените бебиња и нивните семејства.
- Од ваша гледна точка, каква е моменталната состојба со неонатологијата во Македонија?
Во изминатите години се забележува огромен напредок и подобрување, а тоа е документирано и во извештаите на Светската здравствена организација. Опремата која е обезбедена во последните години придонесе за значајно подобрување на преживувањето, обезбедување на посовремен концепт на лекување. Заедно со обуката на медицинскиот кадар, но и со подобрувањето на комуникацијата со трудниците и родителите по породувањето овие мерки овозможија постигнување на видливи резултати. Овој тренд сакаме да продолжи. Поддршка им е потребна на пациентите и нивните семејства, и таа е многу важна. Но поддршка е потребна и за медицинските лица кои работат со овие пациенти. Затоа во следниот период како организација ќе ја интензивираме соработката со Министерството за здравство, со професионалните лекарски здруженија, со Лекарската комора и со болниците, со цел заедно да обезбедиме јасни насоки за здравствените работници, но и разбирливи информации и сочувствителен пристап во комуникацијата со трудниците и родителите на предвремено родените бебиња.
- Колку е важна соработката помеѓу родителите, медицинските професионалци, компаниите и здравствените власти?
Интересно од овој аспект е што со подобра организација, соработка на сите засегнати страни, со отворена комуникација и реализација на проектите ќе се добие огромен бенефит за сите. Со подобрување на лекувањето, со воведување на современи методи, обезбедување на современи медицински апарати и лекови, стандардизирани процеси на лекување, добиваат пред и над се пациентите и нивните семејства. Но добива многу и државата, здравствените власти обезбедуваат подобар рејтинг. Здравствените работници добиваат повеќе поддршка, фидбек за нивната работа, задоволство од постигнатите успеси и многу задоволни пациенти. Компаниите кои се важен дел од овој ланец, исто така имаат бенефит од продажбата на лекови, медицински апарати и потрошен материјал, а истите тие компании со својата општествена одговорност активно придонесуваат за развој на здравствениот систем, за развојни и едукативни проекти, обуки на персоналот итн. Единствено што недостига е јасна стратегија, план и отворена комуникација која ќе донесе бенефит за пациентите и за целото општество.
- Кои се идните планови на организацијата Лулка?
Наш следен чекор е одвојување на трите системски насоки со кои работиме и фокусирање на активностите кои ќе се реализираат во следните 3-5 години. Во однос на предвременото породување ќе работиме активно на воспоставување соработка и олеснување на комункацијата помеѓу сите засегнати страни, пациентите, мед.работници, компаниите и здравствените власти. Со квалитетен и континуиран процес на поддршка и реализација на повеќе важни проекти, очекуваме уште поголем скок на квалитетот и на резултатите во позитивна насока.
- Како јавноста може да помогне и да се вклучи во активностите на организацијата Лулка?
Секој глас, секој збор, секој позитивен коментар во оваа борба е важен. Но важно е и активното учество на граѓаните и на јавноста. Важни се и финансиите, секоја донација е добродојдена, исклучително важна за болниците и за пациентите. Но не смееме да се потпираме само на донации и помош. И здравствените власти заедно со професионалните здруженија и директорите на болниците треба цврсто и одлучно да застанат зад овие пациенти и нивните семејства. Оваа година Светската здравствена организација гласно бара од сите чинители, во сите држави во светот, активно да се организираат и ангажираат за квалитетен третман и лекување на најмалите пациенти. И организацијата Лулка во Македонија заедно со сите засегнати страни ќе работи за предвремено родените бебиња, придонесувајќи истовремено за иднината на целата држава и општество.



