Скопје, 09.04.2014 - Секоја година, 15 милиони бебиња се раѓаат пред очекуваниот термин. За жал, над 1 милион од овие бебиња умираат, а многу повеќе се соочуваат со сериозни и доживотни здравствени проблеми. Предвременото породување е проблем кој може да му се случи на секој од нас, независно од земјата во која живееме, нашата култура или социоекономскиот статус.
Во Европа, едно од секои 10 новородени бебиња се раѓа предвреме, односно 500.000 бебиња секоја година. Да се донесе бебето на свет е едно од најпозитивните искуства во животот на секоја жена. Но раѓањето на предвреме родено бебе претставува голема траума за мајката и за семејството. Предвременото породување, исто така, претставува и огромно финансиско оптоварување и за семејството и за здравствениот систем.
Да се подигне јавната свест за значењето на предвременото породување е првиот чекор кон совладување на овој проблем: бројот на предвремените породувања може значајно да се намали со поголема информираност на граѓаните и со подобрување на третманот и грижата за бремените жени и за бебињата. 17-ти Ноември е Светски ден на предвременото породување, за време на кој повеќе од 60 земји во светот организираат активности и настани насочени кон едукација и превенција. Меѓу нив е и Македонија.
Почнувајќи од Ноември 2013 година, европските родителски организации, меѓу кои и Клубот на родители на предвреме родени деца Премнова, ја спроведуваат кампањата SOCKS FOR LIFE (Чорапчиња кои значат живот). Целта на кампањата е подигање на јавната свест за проблемот на предвременото породување и негата на овие бебиња. Кампањата има за цел оваа тема да ја доближи до локалните и националните власти и до лидерите на ниво на ЕУ, како креатори на политики.
Главниот настан во кампањата SOCKS FOR LIFE се случува од 7 до 11 Април во Европскиот Парламент во Брисел. Во моментов се одржува изложба со уметнички дела од повеќе земји, како и приказ на фотографии од предвреме родени деца, од раѓањето до денес. Меѓу нив има и фотографии од едно прекрасно бебе од Македонија, родено во 29-та недела од бременоста, денес прекрасно момченце кое има скоро 4 години.
Здружението за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца Лулка и Клубот на родители на предвреме родени деца „ПремНова“ ги покануваат граѓаните на Република Македонија да се вклучат во пан-европската кампања “Еne-mene-mini”, на чија интернет страница граѓаните од сите земји во Европа може да им го дадат својот глас на предвреме родените бебиња. Со давање на својот глас, граѓаните ги одобруваат и поддржуваат: зголемената грижа за предвреме родените бебиња и европскиот повик за акција за подобро здравје на сите новородени. Адресата на интернет страницата е www.enemenemini.eu, а нејзината содржина е достапна и на македонски јазик.