Скопје, 14.05.2014 - Во Европа, едно од секои 10 новородени бебиња се раѓа предвреме, односно 500.000 бебиња секоја година.
Според Центарот за контрола на болести и превенција (CDC) од САД, во 2012 година предвременото породување било застапено кај 1 од 8 деца во САД и тоа може да доведе до долгорочни здравствени проблеми и доживотен хендикеп кај овие индивидуи.
Да се донесе бебето на свет е едно од најпозитивните искуства во животот на секоја жена. Но раѓањето на предвреме родено бебе претставува голема траума за мајката и за семејството. Една од мерките кои ја ублажувааат оваа траума и делуваат позитивно на здравјето на бебето е контактот кожа на кожа или популарно наречена Кенгуру кер.
Оваа година, и кај нас се одбележува 15-ти Мај, Меѓународниот ден на Kangaroo care (Кенгуру кер), за промоција на негата на предвреме родените бебиња со контакт кожа на кожа, во која се вклучени и родителите.
Негата со контакт кожа на кожа се однесува на предвреме родените и критичните новородени во текот на престојот во болница и по пристигнувањето дома. Овој тип на нега за прв пат е користен во 1978 година во Богота, Колумбија, како алтернатива на користењето на инкубатор за бебињата. Оттогаш овој тип на нега се испитува и имплементира во целиот свет, а досега се издадени бројни студии кои ја потврдуваат корисноста и предноста на ваквата нега за бебето и за семејството.
Софистицираната опрема која се користи секојдневно во одделите за неонаталната интензивна нега има докажан ефект во подобрување на резултатите и исходот на предвреме родените и критичните новородени. Покрај овие мерки, Светската здравствена организација, UNICEF и Американската Академија по Педијатрија (AAP) препорачуваат контактот кожа на кожа со родителите да се спроведе што е можно поскоро, да трае што е можно подолго и колку што е можно понепречено како мерка за поддршка на непосредниот и долгорочниот развој на недоносените новородени и нивните семејства. Постојат одредени критериуми за практикување на контактот кожа на кожа, чија цел е максимална безбедност на бебето пред се. Овој тип на нега, заедно со неодвојувањето на мајката од бебето, обезбедувањето на мајчино млеко и вклучувањето на родителите во негување на бебето е цел кон која треба да се стремат сите.
Со цел да се означи и одбележи овој ден и да се придвижиме кон воведување и спроведување на овој тип на нега и кај нас, здружението Лулка и клубот ПремНова обезбедија поголем број на едукативни материјали на својата веб-страница http://lulka.org и на страницата на Лулка на Facebook. Воспоставена е соработка со неформалната група Организација на мајки на предвремено родени деца која ја сочинуваат повеќе од 100 мајки.
Сите понатамошни активности ќе се одвиваат во соработка со здравствените работници, докторите и медицинските сестри кои работат со овие бебиња, а кои се партнери на родителите во битката за живот на овие најмали пациенти.
Ги повикуваме сите граѓани, а пред се родителите на предвреме родените деца, да ни се придружат во нашите активности и напори за подигнување на јавната свест и подобрување на целокупните услови во кои се раѓаат и живеат предвреме родените деца.