Текстот е објавен во рамките на Светската недела на доењето 2012
Во рамките на активностите, реализиравме и едно on-line интервју со Прим. Д-р Бранкица Младеновиќ, д-р сци од Заводот за здравствена заштита на мајки и деца, Здравствен Дом на Скопје, Скопје
Лулка: Каква е состојбата со доењето во Република Македонија?
Прим. Д-р Бранкица Младеновиќ: Последното истражување (MICS – Multi Indicator Cluster Survey) спроведено од страна на УНИЦЕФ канцеларијата во Скопје и Државниот завод за статистика на Република Македонија, покажа зголемување на процентот на мајки кои дојат екслузивно во (23%) во однос на претходното истражување направено во 2005 година кога изнесувало 16,2%.
Вредностите за предоминантно доење (кога покрај доењето се додава вода , чај или млеко) изнесува 44,1%. Овие вредности се доближуваат до оние за екслузивното доење во Централна и Источна Европа, каде изнесуваат 30%, додека во развиените земји изнесува 39% (www.breastfeedingweek.org). Но овие вредности не се доволни, потребно е да се вложат напори за нивното подобрување.
Лулка: Што се презема за унапредување на доењето?
Прим. Д-р Бранкица Младеновиќ: Долг низ години наназад преземени се голем број на активности за унапредување на доењето кои беа дел од препораките на СЗО поставени во Стратегијата за исхрана на доенчињата и малите деца донесена во 2002 година и тоа: голем дел од породилиштата поседуваат сертификат за „болници пријателки на бебињата“ за чие добивање е потребно придржување кон сите потребни чекори за успешно отпочнување и одржување на доењето, формиран е Национален Комитет за доење, во одредени законски документи имплементирани се делови од Меѓународниот Код за забрана на рекламирање на замената на мајчиното млеко (Закон за правата на потрошувачите), патронажните сетри и лекарите во примарната здравствена заштита се обучени да даваат совети за успешно воспоставување и одржување на доењето, се работи на подигање на свеста на населението за важноста на доењето, со други зборови се користи сеопфатен приод со цел на доилката да и се даде подршка на ниво на заедница, на ниво на здравствен систем и на ниво на семејство. Постоечката легислатива во однос на правото на породилно боледување од 9 месеци и право на пауза од 1 час за доилките до навршени 12 месеци од животот на бебето се едни од најповолните во Европа. Секако дека треба и може да се направи уште многу во правец на создавање на поволна околина за поддршка на доењето при тоа да се земат в предвид и новите ризици кои влијаат на стапката на доењето како на пример се поголемиот процент на раѓања со царски рез, скратениот престој во породилиште, агресивниот маркетинг на произведувачите на вештачки млека, да се ревидира постоечката лeгислатива и да се направат напори за поцелосно имплеменирање на Кодот.
Лулка: Кои се предностите од доењето и мајчиното млеко?
Прим. Д-р Бранкица Младеновиќ: Предностите од мајчиното млеко се многубројни: поради својот состав и квалитет е единствена и незаменлива природна храна за доенчето до шестиот месец , содржи се што му треба на бебето во првите шест месеци (минерали, витамини, вода, антитела), има идеален однос на протеини, масти и јаглени хидрати поради што е и лесно сварливо; стапката на доенечка смртност е пониска кај децата кои се дојат поради тоа што се намалува можноста за настанување на дијареа и инфекции, воедно штити од SIDS (ненадејна доенечка смрт). Но она што е донекаде занемарено е тоа дека мајчиното млеко не е само храна и дека доењето не е само начин на хранење со цел задоволување на физичката глад, туку ја подобрува интеракцијата и емотивната поврзаност помеѓу мајката и бебето како основа за неговиот понатамошен психосоцијален и емотивен развој. Доењето и помага и на доилката побрзо да закрепне од породувањето бидејќи го поттикнува и лачењето на окситоцин кој пак предизвикува контракции на матката и побрзо враќање во првобитната состојба.
Лулка: Како до успешно доење?
Прим. Д-р Бранкица Младеновиќ: Иако станува збор за природна појава - не треба да се заборави дека е потребно трпение и вештина за да се научат и бебето и мајката на правилно доење. Веднаш по раѓањето бебето е подготвено да цица, но за што поуспешно воспоставување на доењето потребни се неколку предуслови: веднаш по породувањето (или колку е можно порано после породувањето, во зависност од состојбата на мајката и бебето), бебето треба да се постави до мајката за да се направи контакт кожа-до-кожа, со тоа и првиот подој е оптимално да се случи во првите часови по раѓањето; не се препорачува давање на вода, ниту пак вештачко млеко на бебето. Цицањето е најголем поттик за надоаѓање на млекото, поради што е значајно доенчето да се стави на дојка што порано.
Додека мајката и бебето се сеуште во продилиште, најважна е поддршката од здравствениот персонал во породилиштето. Откако бебето и мајката ќе се вратат дома, неопходна е поддршката на семејството, во прв ред на таткото, но и помошта на другите членови е добредојдена. На мајката и е потребна психолошка поддршка но и помош во водење на домаќинството, за да има што повеќе време за сон и одмор. Доилка која што е уморна, нервозна и во стрес нема да има доволно млеко. Во перидот по враќањето дома, патронажна сестра ќе ги посети мајката и бебето и ќе даде совети за успешно доење.
За успешно доење многу е битна поставеноста на бебето на градата. Постојат повеќе положби во кои бебето може да цица, но најважно е рамениците и градите на бебето да бидат свртени кон дојката, а носот да му биде во висина на брадавицата. Доколку правилно се дои, доењето не би требало да е болно, устата на бебето е сосема отворена, брадата на бебето ја допира дојката, долната усна е свиткана нанадвор, доенчето цица, прави пауза и повторно цица.
Лулка: Кои се знаците за успешно воспоставено доење?
Прим. Д-р Бранкица Младеновиќ: Бебето кое добива доволно млеко, има 6-8 добро намокрени пелени дневно, најчесто 2-5 столици во текот на 24 часа, добива на тежина повеќе од 500 грама месечно, цица секои 2-3 часа, изгледа здраво и задоволно, има еластична кожа со добра боја, расте во должина, активно е, весело и има добар мускулен тонус.
Неколку совети за подобрување на млечноста на дојките...
Потребите на бебето за млеко и способноста на мајката да произведе онолку млеко колку му е потребно на детето е еден од најидеалните закони на побарувањето и потрошувачката. За зголемување и оддржување на потребната млечност на дојките потребно е што порано поставување на бебето на градата, доење без запазување на временски интервали – на барање на бебето, особено во првите месеци и бебето да се остави да цица онолку долго колку што сака. На почетокот на подојот млекото е поводникаво и содржи повеќе јаглени хидрати, додека при крајот е погусто и содржи повеќе масти и е покалорично; потребно е бебето при секој подој да ја празни градата – на тој начин бебето ќе дојде до млекото кое е похранливо и воедно ќе се создава и повеќе млеко; доколку сака да цица повеќе, му се нуди и другата града, особено во првиот месец кога лактацијата не е комплетно воспоставена. Многу е важно да не се нуди шише или цуцла.
Лулка: Колку често треба да се дои?
Прим. Д-р Бранкица Младеновиќ: Ова е едно од најчесто поставуваните прашања. Во почетокот бројот на подои е поголем, од 8-12 во текот на 24 часа. Откако ќе се воспостави доењето, треба да се продолжи со околу 8 подои на ден. Некои мајки се жалат дека нивното бебе е постојано гладно, особено во првите 3-4 недели по породувањето. Тоа ги загрижува, бидејќи сметаат дека немаат доволно млеко. Ако бебето има 6-8 водени пелени во текот на 24 часа, а не добива ништо друго освен мајчино млеко, тогаш тоа сигурно добива доволно млеко. Во првите недели, бебето може да има исто така 2-5 столици. Подоцна, бројот на столиците се намалува, а кај некои бебиња тоа е само еднаш во текот на неделата. Стравот на мајката дека ²нема доволно млеко², е најчеста причина да се прекине доењето, но, за среќа, најчесто се е во ред со доењето. Понекогаш навистина бебето не добива доволно млеко – но не поради неможноста на мајката да создаде млеко, туку поради неправилна техника на доење, затоа од огромна важност е на мајката да и се помогне да ја совлада техниката на правилно доење.
Она што е важно да се знае е тоа дека бебињата бараат да цицаат и тогаш кога не се гладни, бидејќи се чувствуваат пријатно и безбедно во прегратката на мајката. Многу брзо тоа ќе почне да се интересира и за други нешта од својата околина, но дотогаш треба да се ужива во неговата близина.
Лулка: Кога загриженоста е оправдана?
Прим. Д-р Бранкица Младеновиќ: Понекогаш загриженоста на мајката е оправдана. Основано сомнение дека бебето не добива доволно млеко постои кога бебето не напредува доволно (помалку од 500 грама на месец), и кога количество на излачената урина е помало (помалку од 6 пати на ден). Можни знаци дека бебето не добива доволно млеко постојат тогаш кога бебето не е задоволно после доење, често плаче , многу често бара да цица, многу долго цица, одбива да цица, има тврда, сува или зелена столица, има ретки и оскудни столици , кога се измолзува градата, истекува многу малку или воопшто не истекува млеко, дојките не се зголемиле за време на бременоста или пак млeкото не надошло после породувањето. Ако се утврди дека количината на млекото во дојките на мајката не ги задоволува потребите на бебето, потребно е да се изнајдат причините што влијаат на тоа. Причини кои може да придонесат за помало создавање млеко се додавање (дури и повремено) шише со вештачко млеко, со сок или со вода во првите недели по породувањето, неправилна позиција на бебето на дојката, бебето многу често може да биде збунето од вештачките цуцли и шишиња, одложувањето на подоите, поспано бебе, премногу кратки подои.
Лулка: До кога треба да се дои?
Прим. Д-р Бранкица Младеновиќ: Исклучиво само мајчино млеко – т.н ексклузивно доење се препорачува во првите 6 месеци од животот, а потоа се продолжува со доење барем до наполнети 12 месеци, а според Светската здравствена организација (СЗО) до 24 месеци. Важно е доењето во првите 6 месеци да биде ексклузивно –т.е бебето да е исклучиво на мајчино млеко, затоа што со секое додавање на вода, чај, сокови, или пак адаптирано млеко или друга храна (без препорака на доктор педијатар) може да се загрози доењето, може да се предизвика алергија, воедно мускулите на јазикот и на устата не се доволно развиени да ја префрлат храната од предниот кон задниот дел на устата.
Со генерации во минатото мајките биле охрабрувани да им воведуваат дополнителна исхрана на нивните доенчиња колку е можно порано. Но, научните сознанија сега го признаваат тоа што мајките го знаеле отсекогаш, а тоа е дека мајчиното млеко е идеална храна за бебињата и бебињата се поздрави ако дополнителна храна не се воведува пред шестиот месец.