Доењето е едно од најубавите искуства кои мајката може да ги сподели со своето дете. Драгоценото време кое мајката го поминува со своето дете дава интензивно чувство на зближување и обострано задоволство.

Мајчиното млеко на детето му ги дава сите потребни хранливи материи и антитела неопходни за нормален раст и развој. На оваа тема разговаравме со Д-р. Гоце Талевски од Би-МЕК.

Што претставува доењето за новороденчето? 

Д-р Гоце Талевски: Доењето ги штити мајката и детето од разни болести и го одржува нивното здравје во текот на целиот живот. Доењето е и доста практично бидејки мајчиното млеко е секогаш со права температура и достапно во секој момент кога бебето е гладно.Светската Здравствена Организација (СЗО), Уницеф, педијатрите и советниците за доење го препорачуваат мајчиното млеко како единствена храна за бебињата во текот на првите 6 месеци од животот. Препораката е да се продолжи со доење како млечен оброк што е можно подолго. Природниот начин на цицање за време на доењето се состои од две фази: на почетокот бебињата цицаат брзо за да стимулираат рефлекс за исфрлање на млеко. Оваа фаза се нарекува - “СТИМУЛАЦИЈА”. Откако млекото ќе почне да тече, бебето преминува на многу поспора и поопуштена фаза на цицање – “ЕКСПРЕСИЈА”. Советот за сите идни мајки е никогаш да не се откажуваат од доњето и да бидат упорни затоа што мајчиното млеко е навистина најдобриот избор за нивните бебиња кое не може да биде соодветно заменето со ниту едно вештачко млеко.

Зошто доењето е најдобар избор за бебето?

Д-р Гоце Талевски: Доењето има значајни придобивки за доеното бебе, но и за мајката. Доењето и мајчиното млеко се добри за бебињата затоа што:

1. Штитат од бактериски и вирусни инфекции (настинки, повраќања, воспаление на увото, инфекции на уринарниот тракт и др.)

2. Имаат антиалергиски својства (штити од бронхитис, егземи, алергиски воспаленија на дишните патишта и др.)

3. Штитат од хронични болести (рак во детска возраст посебно леукемија, рана појава на шеќерна болест, развој на  атеросклероза     и др.)

4. Придонесуваат за почеток на процесот на разбирање во односот мајка-дете.

5. Придонесуваат за развој на интелигенција, психомоторен и социјален развој.

6. Придонесуваат за поздрави заби во текот на животот.

7. Општо земено бебињата кои се доени се поздрави во текот на животот.

 

Кои придобивки ги има мајката од доењето? 

Д-р Гоце Талевски: Придобивки кои мајката ги има од доењето се следниве:

1. Се олеснува губитокот на прекумерна телесна тежина после пораѓајот.

2. Се намалува можноста за развој на рак на гради, матка и јајници.

3. Се одложува развојот на остеопороза.

4. Придонесува за подобро емоционално здравје.

 

Што ги советувате идните мајки како поддршка за доењето?  

Д-р Гоце Талевски: Развојот на медицината на денешните мајки им нуди многу производи за подршка при доењето. Во случаите кога има неможност за доење кај предвремено родени деца, при осетливи брадавици, кога бебето има проблем со цицањето или во случај на привремено одвојување на мајката од детето треба да се користат пумпите за измолзување (посебно пумпите за измолзување кои го имитираат природниот процес на доење  со двофазно измолзување), силиконски брадавки, креми за рагади од 100% чист ланолин, кеси за чување на мајчино млеко, специјални цуцли итн.

Текстот е објавен во рамките на Светската недела на доењето 2012